ВИДЕО | Тексас го добива првиот хотел во светот изграден со 3Д принтер

Фото: Скриншот/Јутјуб

Изгледа како и секој друг 3Д печатач, освен што е со големина на кран и што слој по слој гради хотел во тексашката пустина, пренесува „Ројтерс“, додавајќи дека Тексас ќе го добие првиот таков хотел во светот.

„Ел Космико, постоечки хотел и камп на периферијата на Марфа, се шири. На 24 хектари земјиште се градат 43 нови хотелски единици и 18 станбени куќи и сето тоа со помош на 3Д печатачи.

Ова е првиот хотел во светот изграден со 3Д печатење, вели сопственичката на Ел Космико, Лиз Ламберт и партнерите кои стојат зад проектот, компанијата за 3Д печатење „Ајкон“ од Остин, Тексас и архитектите од „Бјарке Ингелс груп“.

Ламберт вели дека 3Д технологијата овозможува невидена креативност.

Повеќето хотели се ограничени со четири ѕида, а вие често ја градите истата единица одново и одново. Никогаш не сум можела да градам со толку малку ограничувње и со толкава флуидност. Само заоблени линии, куполи и параболи. Лудо е да се гради на таков начин“, изјавила Ламберт.

Единиците сега можат да имаат архитектонски карактеристики кои инаку би биле премногу скапи за да се реплицираат во голем обем со традиционална градба, истакна сопственичката на Ел Космикo.

Во изградба се првите две единици од еднокатна куќа со ѕидови високи 3,7 метри, од кои едната е трокреветна, а другата е едноставна хотелска соба. Заоблените, беж ѕидови се испечатени со помош на „Вулкан“, 3Д печатач широк 14,2 метри, висок 4,7 метри и тежок 4,75 тони.

„Мастилото“ на овој 3Д печатач е специјален материјал базиран на цемент наречен lavacrete, мешавина дизајнирана за цврстина, достапно производство и можност за печатење.

Директорот на „Ајкон“, Џејсон Балард, рече дека работниците ги приспособуваат и мешаат состојките во зависност од временските услови.

„Магијата се случува во адитивите кои ни овозможуваат да продолжиме да печатиме“, рече Балард, додавајќи дека влажноста, температурата и зрачењето влијаат на однесувањето на материјалот, па дури и на крајната боја.

Ајкон“ работи и на станбен проект во близина на градот Остин, кој исто така ќе биде изграден со помош на технологија за 3Д пречатачи.

„На долг рок, 3Д-конструкцијата може да замени некои квалификувани работници“, рече Милад Базли, предавач по наука и технологија на Универзитетот Чарлс Дарвин во Австралија.

„Мислам дека од социјална гледна точка и во однос на ефектот врз економијата, особено врз локалните работни места и оддалечените области, тоа ќе биде еден од предизвиците што треба да ги земеме предвид кога зборуваме за методот на 3Д печатење“, рече Базли.

Проширувањето на Ел Космикo треба да заврши до 2026 година. Цените на хотелските единици ќе се движат меѓу 200 и 450 долари за ноќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот