ВИДЕО: Пустошењето на Шара ги пустоши шарпланиските села, свлечиштата кои се спуштаат во населените места се резултат на дивата сеча и дивоградбите

Фото: Слободен печат

Големи ерозивни процеси, водени бранови, наноси од земја кал и камења кои завршуваат во пониските села од шарпланинскиот масив.

Ова е се почестата слика на Шара, како резултат на децениското пустошење на шумата, дивоградбите, нерегулираните водотеци, кои го дестабилизираат теренот на планинското подрачје, каде при поголеми поројни дождови се почесто се случуваат катастрофи како минатата недела, кога Теарце и Непроштено беа затрупани и поплавени.

Од Националниот парк Шар Планина, бараат поголема соработка со другите институции, за да се се спречат девијантните појави на Шара, а со тоа да се заштитат и селата.

„За жал шумите на Шара во голема мера се деградирани, јас зборувам за територијата на цела Шара каде има потреба да се подобри квалитетот на тие шуми, за да можат да го зголемат капацитетот на задржување на таа количина на вода, која се слева надолу кога имаме големи поројни дождови. Ние работиме на плански документи за управување со шумите кои што се однесуваат и на сливните подрачја. Шара се карактеризира и со голем наклон на теренот и тие шуми имаат заштитна функција, за да го заштитат населението кое што живее во долните предели на Шара. Тоа што се случи во Теарце, но и во 2015 година се должи на тие лоши практики на управување и лоши практики на живеење. Се градат дивоградби во сливни подрачја, градби кои практично се препреки и го дестабилизираат теренот, кој што понатака може да се лизне надолу, а тие клизишта се чести. Има и случаи на лошо планирање. Мостот што е во Шипковица на самата река има тесен отвор, каде не може да помине поголема количина на вода, а во тоа речно корито има карпи и камења кои се потенцијален ризик“, изјава Анела Панајотова од НП Шар Планина.

Таа додава дека и малите хидроцентрали, освен што имаат негативно влијание врз биодиверзитетот, се и голем ризик фактор во случај на поплави на Шара.

„Малите хидроцентрали имаат негативно влијание за биодиверзитетот, но во овој случај, во случај на поплавни бранови тие се препрека. Значи самите објекти или прифатните елементи се во самите речни корита, кога таа поголема вода ќе тргне надолу тие се препрека и можат и тие објекти да се урнат и да се спуштат кон селата. Затоа и нашата установа е против изградбата на хидроцентрали.Во 2018 година со проекти на УНПД се направи мапа на ризици, мапирани се сите ризици кои се опасност за населението и за имотите и во таа мапа на ризици се предвидени елементите, односно објектите кои биле изградени пред повеќе децении како инфраструктирни објекти кои служат на некој начин да ја намалат и стопираат брзината на водата, но беа додадени и нови елементи, односно објекти. Направен е некој проект во Шипковица, во Бозовце се планира инфраструктурен објект оти има огромна карпа над селото. Значи има стари објекти, но и се планираат нови“, рече Анела Панајотова НП Шар Планина.

Од големи поплави и ерозии, минатата недела најпогодена беше Општина Теарце, каде имаше стотина поплавени домови и голема земјоделска површина. Мештаните се уште се справуваат со штетите од невремето.

ВИДЕО+ФОТО: Пустош во тетовските села, поплавени домови, кал и камења до колена, уништена инфраструктура

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот