ВИДЕО | Одмазда за експлозиите со пејџери: Хезболах истрела проектил кон седиштето на Мосад 

Израелски воздушни напади во Либан EPA-EFE/STR

Либанската проиранска група Хезболах рано утринава истрела ракета кон Тел Авив насочена кон седиштето на израелската разузнавачка служба Мосад, но проектилот беше пресретнат, соопшти израелската војска (ИДФ). Истовремено, израелската армија гаѓаше цели во јужните и источните делови на Либан, што е трет ден по ред како ИД гаѓа цели во Либан.

Хезболах утринава  истрела  проектил кон Тел Авив, јавуваат израелските медиуми повикувајќи се на извори кои тврдат дека нападот бил симболично лансиран во во 6:29, што според нив е симболика бидејќи тогаш  почнал и нападот на Хамас на југот на Израел на 7 октомври минатата година, по што и започна војната во Газа која сè уште трае.

Се крева чад по израелски воздушен напад на планината Махмудие, гледано од градот Марџајун, Јужен Либан, вторник, 24 септември 2024 година (AP Photo/Hussein Malla)

Сирените рано утринава се огласија во Тел Авив и во другите градови на Израел, а веднаш потоа одговорноста за нападот ја презеде Хезболах, наведувајќи дека истрелале балистичка ракета „Кадер 1“ кон седиштето на Мосад во близина на Тел Авив. Тие додаваат дека станува збор за одмазда за израелските напади во текот на минатата недела кога пејџерите користени од Хезболах, а потоа и воки-токите експлодираа низ цел Либан. Во тие напади беа ранети илјадници цивили, но беа убиени и некои од највисоките команданти на Хезболах.

Ова е прв напад на Хезболах длабоко на израелската територија од почетокот на серијата меѓусебни напади, поради што  израелската војска им наложи на жителите да влезат во засолништа, пишува The Times of Israel.

Израелската армија ги повика Либанците да не се враќаат дома до понатамошно известување

Истовремено, израелската армија утринава трет ден по ред бомбардира цели во Либан, поради што илјадници луѓе избегаа од југот на земјата. Медиумите објавија дека на мета било и упориштето на Хезболах во регионот Баалбек во Источен Либан.

Израелските одбранбени сили упатија порака на арапски до либанските цивили кои ги евакуираа своите домови, предупредувајќи ги дека сè уште не е безбедно да се вратат.

„За ваша безбедност, не се враќајте во своите домови до понатамошно известување“, се вели во пораката, во која се истакнува дека израелската војска продолжува да стрела врз терористичките цели.

Пораката беше објавена откако беше соборена ракетата која Хезболах ја истрела кон областа на Тел Авив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот