ВИДЕО | Никола Петковски, енигматичар: Енигматиката е непресушен извор на животна енергија

Никола Петковски
Никола Петковски / Фото: Скриншот/Јутјуб

Никола Петковски е доајен на македонската енигматика, кој веќе 70 години се занимава со оваа дејност. По струка е дипломиран инженер архитект, а целиот свој живот го посветил на енигматиката, сосатвувањето крстозбори и други енигматски содржини. Никола е долгогодишен соработник на „Слободен печат“ и со своите крстозбори редовно ги забавува нашите читатели. Со него зборувавме за неговото плодно творештво, и љубовта кон енигматиката.

„Енигматиката за мене претставува непресушен извор на животна енергија за секаков вид творештво, симбол на умствената умешност, доблест и благородна вештина во службата на човештвото“, вели Никола за своето поимање на енигматиката.

„Првиот мој личен труд, еден мал пионерски крстозбор, го објавив кога имав неполни 8 години, и потоа сум рекордер на територијата на поранешна Југославија, како најмлад енигматичар. Со енигматика почнав во времето кога се описменував, во прво одделение, кога учев да читам и да пишувам, купувавме ‘Нова Македонија’ каде имаше крстозбори. Тогаш почнав да ги читам описите на крстозборите и се обидував да ги пишувам одговорите кои ми ги кажуваше мојот татко. На распустот меѓу прво и второ одделение се обидов и јас да составам нешто свое. Во тоа време во весникот ‘Нова Македонија’, имаше рубрика ‘Колибри’, каде се пласираа творби на ученици. Тогаш на мое огромно задоволство, го објавија мојот прв крстозбор. Немаше посреќно дете од мене на планетава кога го отворив весникот и под крстозборот прочитав ‘Никола Петковски’“, вели Никола за почетоците во областа на енигматиката.

Никола за себе вели дека енигматиката му отворила многу можности да патува и да посети многу места на територијата на поранешна Југославија, од каде донел и многу медали и награди.

„Објавував секаде каде можеше да се објави, специјализирани енигматски списанија, дневни весници или посебни изданија каде на една страница има крстозбори. Деведесет отсто од моето животно творештво се крстозборите, иако сум правел и анаграми, ребуси, поместувалки, пополнувалки и разни видови на енигматски содржини. Учествував и на многу енигматски средби и натпревари. Имаше натпревари во решавање и во составување на енигматски форми и постигнав големи успеси, освоив многу награди во Македонија и регионот“, зборува Никола за своите постигнувања во областа на енигматиката.

Со Никола разговаравме и за придобивките од редовното решавање крстозбори и истражувањата на научниците кои велат дека тоа поволно влијае на способноста за помнење.

„Американските психијатри советуваат дека луѓето треба да се занимаваат со решавање крстозбори, бидејќи тоа ја зајакнува меморијата, концентрацијата, расудувањето и брзото создавање перцепција, односно како да го осмислиш она што во моментот треба да го направиш. Ако треба да донесете некоја важна одлука, немојте тоа да го правите веднаш и немојте навечер, оставете за утре. Затоа се вика ‘утрото е попаметно од ноќта’, но пред да ја донесете одлуката, седнете и решете два крстозбора. Ќе ви помогне подобро да се концентрирате, попаметно да расудите и да почувствувате дали со одлуката ќе згрешите или не, бидејќи тоа ќе го направите со бистар мозок“, објаснува Никола за когнитивните придобивки од решавањето на крстозбори.

Со Никола зборувавме и за начинот на кој составува крстозбори, литературата која ја користи и искуството со кое се стекнал во изминатите 70 години активно творештво во енигматиката.

Повеќе од разговорот со Никола Петковски можете да погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот