ВИДЕО: „Летаа многу ракети, како што не сме виделе досега“: Македонец во Израел за иранскиот напад

Проектили летаат над Горна Галилеја, северен Израел, 01 октомври 2024 година/EPA-EFE

Македонецот Игор Анастасов, кој живее и работи во градот Ашдот во Израел, за „Гласот на Америка“ раскажува дека по синоќешниот напад на Иран врз Израел, ситуацијата денес е мирна, но оти помеѓу населението постои силен страв од понатамошна ескалација на состојбата.

„Живеам во Ашдот во Израел, а патувам во повеќе градови секојдневно. Ситуацијата вчера беше многу тешка и лоша. Сирени свиреа насекаде низ Израел. Имаше дожд од ракети, како што не сме виделе претходно. И, прв пат од почетокот на војната сме известени сите на порака на мобилните телефони, веднаш да се засолниме. Луѓето бегаа на сите страни и се засолнуваа. Иако се подготвени со намирници и психички се навикнати да живеат со вакви ситуации, сепак стравот беше поголем и паниката се осети. Повеќето кажаа дека ова не е Хамас, туку е Хезболах, односно Иран и посериозно ја сфатија ситуацијата. Очекувам дека ќе биде лоша ситуацијата“, вели тој.

По нападот на Хамас и разгорувањето на непријателствата минатиот октомври, поголемиот број на Македонци го напуштија Израел. Игор вели дека се останале неколкумина.

„Искрено ние Македонците кои останавме тука сме малку, и се надеваме дека животот ќе се нормализира и дека повторно ќе се вратиме да живееме мирно и нормално“.

Македонското министерство за надворешни работи и надворешна трговија го осудува синоќешниот ирански ракетен напад врз Израел, како и терористичкиот напад во Тел Авив, при што беа убиени шест цивили.

„Амбасадата во Тел Авив веќе стапи во контакт со надлежните институции на Израел, со цел потврда дека меѓу жртвите и повредените нема државјани на нашата земја“, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија.

Од таму и со апел до македонските граѓани.

„Имајќи ја предвид влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, апелира до македонските граѓани да ги одложат патувањата кон Израел, Иран и Либан, додека државјаните кои се наоѓаат на територијата на овие држави да ги следат упатствата на локалните власти и движењето да го сведат на минимум“, стои во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот