ВИДЕО | Копров на „Скопско лето“: Возбуден сум исто како кога се женев и кога го добив синот

фото: „Скопско лето“

Во рамките на „Скопско лето“ вчеравечер се одржа концертот „Најдоброто од Копров“. Публиката имаше можност да ужива во најголемите хитови направени од мајсторот на композицијата Григор Копров. Звуците на „Сонце во твоите руси коси“, „Усни на усни“, „Иконо моја“, „Немир“, „Не зори зоро“, „Црно тиквешко“, „Чаирска романтика“, „Лиду ду“ и многу други евергрини коишто живеат и денес, во еден глас се пееја во салата на Националната опера и балет.

Песните на Тоше Проески беа во изведба на младата пејачка Ана Петановска, која ја отвори вечерта како домаќинка на концертот.

фото: „Скопско лето“

На сцената ѝ се придружија и звучни имиња како Наде Талеска, која спомена дека нејзините почетоци во кариерата започнуваат со Копров. Талеска нè потсети на нејзината макфестовска песна „После дождот“ од 2009 година потпишана од Копров. Талеска се претстави со уште неколку композиции.

На сцената се појави и Горан Наумовски, а специјален гостин на вечерта беше Владо Јаневски, кој долги години соработува со Копров, па публиката имаше ретка прилика да ужива во мини концертот на Јаневски.

фото: „Скопско лето“

Григор Копров, тивко, нечујно, скромно, одвај забележително цела вечер беше дел од публиката, но на крајот со стоечки овации беше поздравен од присутните.

Свеченоста беше заокружена со доделување благодарница на Григор Копров за личен придонес на македонската музичка сцена.

– Секој од вас овде во салата сигурно почувствувал голема возбуда кога правел свадба, кога добил дете, кога славел роденден на синот, кога добил внук…Секако и јас кога се женев бев возбуден, кога се роди син ми бев возбуден, со оглед на датумот на „производство“ кај мене, ова вечерва е една од поголемите мои возбуди-рече Копров.

Музички продуцент на настанот беше Давор Јордановски во организација на ансамбл „Полифонија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот