ВИДЕО | Иво Ранѓеловиќ: Надворешната политика на Владата доживеа дебакл

Иво Ранџеловиќ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во овие 100 дена, според мое мислење, ако се обидуваме да сумираме некаков успех, веројатно тоа би одело повеќе во економски аспект, одошто политички. Во економскиот дел се гледа дека Владата барем се обидува да земе замав за барем да се справи со секојдневните проблеми, но и оние пошироките проекти, како странски инвестиции, се очекуваат, се најавуваат, смета политикологолот Иво Ранѓеловиќ.

Но, ако од економските заложби и би можеле да очекуваме нешто позитивно, тој смета дека такво нешто нема хоризонтот кога е во прашање политичкиот дел, заклучи Ранѓеловиќ при неговото последно гостување во утринската емисија на Слободен печат.

– Особено надворешната политика е дебакл. Тука беа концентрирани најголемите заложби на македонското општество генерално, но конкретно на оние што го дадоа гласот за ВМРО-ДПМНЕ. Зошто? Зашто сметаа дека беа изневерени со промената на името со Преспанскиот договор, што до некаде е кредибилно и легитимно за просечен граѓанин, тоа така да го исперципира. А подоцна и договорот со Бугарија за „добрососедство“, но и целокупниот наш однос кон Европската Унија. На овие три полиња не видовме никакви тектонски поместувања. Дури видовме и соочување со реалноста – смета Ранѓеловиќ.

Тој нагласи и дека доколку би бил гласач на ВМРО-ДПМНЕ, би се чувствувал разочарано од начинот на кој се прифати Преспанскиот договор.

– Предизборието се засноваше врз премисата дека има начин како тоа да се направи, дека ќе направеле подобар договор. Во рок од 100 дена треба да се соочиме со реалноста, и тоа се стави под тепих. Дури излегуваат тези од функционери кои на ТВ дебати ми велат извадете каде тоа ние сме рекле дека името ќе го вратиме – тврди политикологот.

Ранѓеловиќ смета дека сепак најголемиот проблем на актуелната Влада не е европскиот ќорсокак, туку немањето адекватна алтернатива.

– Не е проблем што ние пркосиме, што одиме во Брисел и велиме не попуштаме, тоа јас дури и го поддржувам. Проблемот е што ние на тоа немаме алтернатива, под број еден и под број два, немањето консензус. Вие не можете да делувате во дипломатијата, а да немате консензус. И Социјал-демократскиот сојуз немаше консензус за промена на името и затоа ни се случува тоа што ни се случува. Имаме нова Влада, која му пркоси на тоа. Или сте голем фактор во политиката па можете да одлучувате без консензус, тоа дефинитивно не сме ние, или сте помал фактор, помала држава, која функционира на релативитет, дали се тоа сојузи, политички, економски, ЕУ, НАТО, во тој дел ви треба барем консензус за да ги зацврстите вашите темели во дипломатијата, ние тоа го немаме. И сега пркосите на диктатот од Бугарија, а немате консензус, немате поткрепа за ништо, односно немате ни алтернатива за истото – резимира Ранѓеловиќ.

Целото интервју со нашиот гостин погледнете го на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот