ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Зоран Михајлов: Дарко Панчев заслужуваше да биде шеста Звездина ѕвезда!

Зоран Михајловски / Фото: Слободен печат / Метo Здравев

Првата авторизирана биографија на легендарниот фудбалер Дарко Панчев во идание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, чиј автор е доајенот на спортското новинарство Зоран Михајлов, ќе биде промовирана на 25 септември (среда), во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Одличен повод за средба со Михајлов, врвен македонски новинар

Ако го земеме предвид фактот дека успесите на Дарко Панчев се недостижни за кој било македонски фудбалер, а и пошироко, тогаш со право и со нетрпение јавноста ја очекуваше неговата биографија. За тоа се погрижи уште една легенда – Зоран Михајлов, македонски спортски коментатор и новинар.

Панчев – легендата на Вардар и на Црвена звезда, чиј гол од пенал против Марсеј, во финалето на Лигата на Шампионите во 1991 година го крена на тронот на фудбалската Европа, заслужуваше да биде шеста Звездина ѕвезда.

– Дарко требаше да биде шеста Звездина ѕвезда, но има време. Можеби еден ден… Неправда беше направена и кон него и кон целиот југословенски фудбал, затоа што не му беше врачена „Златната копачка“ тогаш кога ја освои, туку многу години подоцна, кога Мишел Платини беше во Скопје – смета Зоран Михајлов.

Во долгоочекуваната книга, Михајлов открива познати и помалку познати случувања, факти и анегдоти за Панчев, за неговиот подем, за постигнувањата и за неговата личност, почнувајќи од неговото детство, преку ангажманите во ФК Вардар и ФК Црвена звезда, па сѐ до европската фудбалска авантура. Во книгата се зборува и за животот на Панчев и надвор од зелениот терен…

– Македонската Кобра, како што го знаат нашиот Дарко Панчев лаиците и оние поупатените, го разбранува фудбалскиот свет во своето време и на величествен начин – од Вардар преку Црвена звезда – во 1991 година стигна до титулата прв стрелец на Европа, освојувајќи ја „Златната копачка“ на популарниот „Екип“ и на брендот за спортска опрема „Адидас“. Со 34 постигнати гола и со освоените титули со Звезда – европски и светски клупски првак, и „Сребрена топка“ во изборот на реномираниот француски спортски весник „Франс фудбал“ за втор најдобар играч во Европа, иако според мнозинството од фудбалскиот свет ја заслужил „Златната топка“ – Панчев стана една од најинтересните фудбалски појави, не само на Стариот Континент, туку и во светот – вели Михајлов во книгата.

Во книгата е поместен избор од 40 фотографии од приватната архива на Панчев, кои прикажуваат важни моменти од неговата кариера и од неговиот живот.

– Книгата за Дарко ќе беше побргу, но излезе короната, а тоа беше пречка за комуникација. Сакав во неа да има изјави и кажувања за него, од неговите пријатели и соиграчи… Книгата опфаќа периодот кога тој почнувал да игра фудбал во Кисела Вода, па и подоцна, кога учел во „Кирил Пејчиновиќ“ и кога играл во училишниот двор. Во книгата се неговите другари од детство, а од нив има многу кои подоцна станаа спортисти. Па, кога беше откриен од тренерот, сега покоен Златко Илиевски, и доведен во Вардар… – раскажува Михајлов во интервјуто за „Слободен печат“.

Најславниот и најуспешниот фудбалер на Македонија, Дарко Панчев, е роден на 7 септември во 1965 година, во Скопје. Благодарејќи на неговите голгетерски способности и вродениот рефлекс за скротување на топката во шеснаесетникот, тој се здобива со прекарот Кобра, како што е познат и до денес во фудбалскиот свет. Решетејќи ги мрежите на звучните клубови во Првата југословенска лига како играч на Вардар, успева да стигне до врвот на лигата во сезоната 1986/87 година, по што станува привлечен за клубовите од т.н. „Голема четворка“: српските Црвена звезда и Партизан, и хрватските Динамо Загреб и Хајдук. Но, најбрза во трката за неговиот потпис е белградска Звезда, каде што ќе го достигне зенитот во својата кариера – освојување на тронот на клупска Европа и тоа токму со неговиот победнички погодок во пенал-рулетот против Олимпик Марсеј, и добивањето на „Златната копачка“ и на „Сребрената топка“. Потоа настапува и за гигантот Интер од Милано, за Лајпциг, Фортуна Диселдорф и за Сион, каде што ја завршува својата кариера. Бележити се и неговите настапи за југословенската репрезентација и за репрезентацијата на Македонија по осамостојувањето, станувајќи нејзин прв капитен. Тој е прогласен за Фудбалер на векот во Македонија. Останато е легенда…

– Кога работевме на книгата и се навраќавме во минатото, на Дарко најубавите сеќавања му беа кога беше дете и кога на улица правеа голови од камења. Ми кажа дека медалот освоен во Прилеп, на Пионерска олимпијада во фудбал му е еден од најдрагите трофеи во животот – истакнува Михајлов за „Слободен печат“.

Ова е трета книга на неуморниот спортски новинар и коментатор Зоран Михајлов (роден 1945 година) по „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ (издание на „Арс Либрис“) и монографијата за борачот Шабан Сејдиу (коавтор). Во својата 60-годишна кариера присуствувал на најголемите спортски случувања , меѓу кои и на рекордни 15 олимпијади и притоа ги афирмира настапите на македонските спортисти и ја информира македонската јавност за тамошните случувања.

– Оваа биографија што ја подготвував со задоволство, буквално ќе ја долови кариерата на нашиот најдобар фудбалер. Колку тој беше ценет и почитуван од своите колеги, а и од легендите во другите спортови, ќе имате можност да прочитате низ овие редови, што ќе останат како документ за една знаменита македонска личност. Тој беше вистински афирматор на својата земја, затоа што преку него и неговите постигнувања многу луѓе во светот дознаа за Македонија. И до денес, Панчев е единствениот Македонец кој успеал да освои две високи индивидуални признанија во својот спорт, „Златната копачка“ и „Сребрената топка“ – во изборот за најдобар фудбалер на Европа. Затоа, името Дарко Панчев е врежано со златни букви во нашата фудбалска и национална историја“ – завршува Зоран Михајлов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот