ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Тоше Зафиров: Единствен начин да бидеме здрави е фитнесот, движењето и здравата храна

Тоше Зафиров / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Бодибилдингот и фитнесот се многу популарни форми на физичка активност, кои не само што помагаат во изградбата на посилно и естетско тело, туку и ја подобруваат општата здравствена состојба. Со комбинирање тренинзи со правилна исхрана и одмор, можете да постигнете впечатливи резултати и да го промените вашиот живот на подобро.

Овој пат ќе го истражиме значењето на бодибилдингот и фитнесот, како и некои основни принципи кои можат да ви помогнат во постигнувањето на целта.

Тоше Зафиров / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Тоше Зафиров e бодибилдер, добитник на медалот „Мистер Олимпија аматер“, бизнисмен, сопруг и татко. Неговата визија е да ги мотивира сите кои сакааат да направат позитивни промени во начинот на живот. Води фитнес-клуб и има прекрасно семјество, кое, исто така, се занимава со фитнес. Со многу труд, време и посветеност, Тоше Зафиров постигнал многу успеси во фитнес и бодибилдинг кариерата.

Значителна година за него е 1997. Тогаш Тоше, 17-годишно младо момче од Неготино, се пронашол и ја започна својата приказна… Овој спорт не се практикува само поради физичките придобивки, туку е многу корисен и за здравјето.

Тоше ни објасни кои се тие здравствени придобивки од тренингот со тегови и аеробните вежби.

Со стекнување голем број сертификати и награди како професионален бодибилдер и фитнес ентузијаст, тој за неговото најголемо достигнување, вели:

„Мое најголемо достигнување е освоениот медал на ‘Мистер Олимпија аматер’, бидејќи тој медал, едноставно, со години го посакував. Тоа е натпревар што сите го гледавме по списанија, видеокасети, а потоа на Јутуб… И, едноставно, кога со сопругата одевме во Америка, и кога другите освојуваа медали, кога ги гледав со медалот на себе, секогаш со Габриела знаевме да прокоментираме: ‘Ќе дојде ли ред, еднаш и ние да го имаме овој медал на себе?’“

Тоше е неразделен од неговата сопруга Габриела, која, исто така, се занимава со фитнес. По нивните патеки тргнала и нивната ќерка, за која Тоше вели дека им е најголем трофеј кој го достигнале со неговата сопруга. Таа оваа година го освоила својот прв медал во фитнес натпревар.

Тоше Зафиров / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Тоше е сто отсто посветен во неговата професионална кариера како бодибилдер, но тој наоѓа време и да ја едуцира публиката на социјалните мрежи, со совети за исхраната и фитнесот, како и за општествени проблеми како што се релацијата меѓу маж и жена, брак, неверство, самодоверба итн. Моментално, тој ги завршува студиите по психологија и неговата цел е да магистрира на катедрата за клиничка психологија.

„Моментално, јас студирам психологија и оваа година завршувам на ‘Славјанскиот факултет’. Здравје, следната година, ако биде сѐ како што треба, планирам да магистрирам на клиничка психологија. Навистина, овој факултет е тој којшто со години го барав, и конечно сум многу среќен што ќе го завршам“, вели Тоше за „Слободно со Агнеса“.

Toше зборува и за џентлменството како начин на живот заедно со фитнесот, за кои вели дека се тесно поврзани. Тој вели дека доколку фитнесот ни созадава здрави навики, тие навики треба да ги практикуваме секаде, без разлика дали сме во фитнес-центар, на улица или каде било. Според него, ова е подготовка за тоа како треба да изгледа една изградена личност.

„Бодибилдингот и фитнесот не се спортови за еден ден, тоа се спортови што треба да ги практикуваме цел живот. Затоа многу пати имам кажано дека единствен начин за да бидеме здрави во староста е фитнесот, движењето и здравата храна“, вели Тоше.

Тоше Зафиров / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Тоj е голем обожавател на читањето. Во слободно време чита книги, за кои вели дека се добра вежба и го стимулираат мозокот.

„Како што вежбаме во теретана, за да ги билдаме нашите мускули, да изгледаме убаво и привлечно, така треба да го вежбаме и нашиот мозок, а единствен начин да го вежбаме мозокот е читање на книги. Без разлика на која возраст сте, прочитајте барем една книга месечно.“

Во продолжение, погледнете го целиот разговор:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот