ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Кочо Андоновски: Македонските институции промовираат неказнивост за насилството врз ЛГБТИ луѓето

Кочо Андоновски - Програмски директор на ЛГБТИ Центарот

Состојбата со почитување на човековите права на ЛГБТИ луѓето во оваа земја не е розова. Факт е дека ние како општество имаме уште долг пат да изодиме од онаа цел за која всушност сите сме тргнале а таа е можеби и нашата ултимативна цел – фактичка еднаквост за сите луѓе па и за ЛГБТИ лицата. Иако во земјава има голема позитивна промена и придвижување напред во делови на општеството низ годините кога станува збор за рамноправноста на луѓето, промената сепак оди бавно и е премногу малку. Особено, за едно општество и една држава која самата искусила што значи непризнавање, потценување и омаловажување. Па кога очекуваш дека можеби едно такво општество и едни такви луѓе би имале повеќе разбирање за еднаквоста на сите граѓани тоа во реалноста сепак не изгледа така. Имаме зголемени случаи на говор на омраза кон ЛГБТИ луѓето, неказнивост на институциите за насилството врз овие луѓе и стигматизација на оваа заедница во земјава, вели Кочо Андоновски програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот при гостување во емисијата „Утрински печат“.

– Најпроблематична институција за нас како заедница е Јавното Обвинителството. Според мене Обвинителството не си ја врши работата како што треба кога станува збор заштитата на ЛГБТИ заедницата, дотаму што мислам дека оваа институција дури не ја препознава ниту сопствената улогата која ја има во општеството. Ова го говорам од факти кои се однесуваат на нападите врз ЛГБТИ – Центарот. Низ годините имаше вкупно 6 такви напади на Центарот, но ниту еден од овие не беше процесиран од институцијата. Единствен одговор што постојано го добиваме од ЈО е тоа дека истрагата е во тек – вели Андоновски.

По повеќе од две децении активизам за ЛГБТИ+ права во нашата земја, борбата за основни човекови слободи на оваа заедницата сè уште трае посочува Андоновски.

– Хелсиншкиот комитет во својот извештај за минатата година бележи дека имаме зголемување на насилството и говорот на омраза врз ЛГБТИ луѓето во земјава. Имаме 36 анти – ЛГБТИ инциденти лани. Кога ќе се земе вкупната бројка на регистрирани инциденти за говор на омраза забележани во извештајот доаѓаме до статистика која покажува дека околу 22 отсто од инцидентите регистрирани на оваа тема се токму направени врз оваа заедница. Тоа е зголемување на вербалното и секакво друго насилство врз луѓето кои се препознаваат како припадници на ЛГБТИ заедницата – посочува Андоновски.

Според него недостигаат афирмативни мерки и акции на државата за заштита на овие луѓе.

– Државата треба да направи афирмативни активности со кои ќе им се објасни на луѓето дека и оваа заедница треба да ги ужива сите права и обврски како што ги уживаат сите други граѓани. Ние на крајот на денот сите плаќаме даноци и затоа сите очекуваме дека имаме исти сервиси од државата. Кога таа ќе забележи дека има вакви податоци поврзани со инциденти за говор на омраза би требало да смогне сили и да направи акциски план како да го сузбие тој феномен – забележува Андоновски.

Дискриминацијата кон ЛГБТИ заедницата е присутна и во државите во регионот, а говорот на омраза деновиве бележи голем пораст додека политиката на неказнивост на нападите врз ЛГБТИ лицата станува новото лице на повеќето општества во регионот.

-Кога станува збор почитување на основните човекови права на ЛГБТИ луѓето на Западен Балкан може да се заклучи дека секаде состојбата помалку или повеќе е иста. Некои имаат напредоци но пак кај некои има стагнација. Еве на пример во Црна Гора состојбите се за поздравување. Во земјата веќе се признаени партнерствата меѓу ЛГБТИ лицата, имаат правно признавање на родот ние што го немаме, но кога ќе се погледне регионално пошироко сликата таа е слична. Проблемите најчесто доаѓаат кога станува збор за имплементирање на закони, недоволната меѓународната поддршка кон оваа заедница, односно со други зборови кажано регионот е на дното во светските рамки кога станува збор за почитување на правата на ЛГБТИ заедниците – појаснува Андоновски.

Најавувајќи ја Парада на гордоста која треба да се одржи оваа сабота во Скопје, Андоновски посочи дека марширањето на учесниците овој викенд меѓу другото ќе биде насочено да се прати јасна порака а таа според него е да се задоволи оној основниот порив на секој човек а тоа е да се доживее правда и еднаквост.

Повеќе од разговорот со програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот Кочо Андоновски погледнете во видеото во продолжение..

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот