ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Ѓорѓи Иловски од СМАТ: Луѓето што нè слушаат, ни ги поддржуваат ставовите, и тоа е доволно

Џоле Смат / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Македонскиот музичар Ѓорѓи Иловски е фронтмен на хард-кор бендот СМАТ (SMUT), кој се појави на македонската музичка сцена во раните 2000-ти години и ден-денес не престанува да ги поместува границите на македонската метал музика.

СМАТ продолжуваат да ги фасцинираат обожавателите и новите генерации со моќни пораки преку своите песни, како и со прогресивниот звук. Во нивната музика се провлекуваат повеќе жанрови со големи примеси на класични елементи, хард-кор, мелодичен панк, метал и хип-хоп.

– СМАТ стилски е… јас секогаш го викам како некое чудовиште што ние, бендот, сами си го правиме. Склоп е на сè што сите ние сакаме да слушнеме и го ставаме под еден стил. Хард-кор, да, можеби се ставовите, да ги опфати сите наши вкусови, а да го спакуваме, сепак да биде и да звучи како СМАТ – вели Ѓорѓи за „Слободен печат“.

Бендот е составен од Ѓорѓи Иловски – вокал, Благоја Антовски на тапани, Дарко Најдовски на бас и гитаристите Дејан Николовски и Горан Ристевски.

SMUT / Фото: Фејсбук

За самите почетоци Ѓорѓи објаснува дека неговиот првичен план не бил да биде вокалист на бендот.

– Прво, планот не беше јас да бидам пејачот, не зборувавме за тоа. Планот беше сосема друг, ама откога сите други купија инструменти, мене ми остана само тоа, јас сè уште немав купено никаков инструмент. „Па добро, ќе пеам…“ – објаснува Ѓорѓи.

Во текстовите на нивните песни се обработуваат општествени и социјални теми, кои имаат силен импакт врз слушателите.

– Луѓето што нè слушаат, ни ги поддржуваат ставовите и музиката, и тоа е, мислам, доволно – додава Ѓорѓи.

СМАТ досега ги издале студиските албуми „SMUT“ (1996), „Forever is not enough“ (2003), „All I Have“ (2007), „Мемоарите на скршениот човек“ (2012) и „Тие се насекаде“ (2018), а одржале и многу концерти.

Бендот во моментот работи на нов албум, за кој Ѓорѓи вели дека ќе се разликува од другите досега.

Оваа е една нумера од новиот албум – новиот сингл „Успех Нема да ти Простат“:

 

 

Целото видео со Ѓорѓи Иловски можете да го проследите на следниот линк:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот