ВИДЕО | Фемицид во Македонија: За 4 години убиени 19 жени – претежно со ладно оружје, од интимни партнери кои се невработени и со психоза

Конференција „Фемицид во Северна Македонија и Западен Балкан - Меѓународни стандарди и пракса на судовите“/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Мартовските измени во Кривичниот законик донесоа позитивна промена која никој не ја спори – воведен е фемицидот како посебно кривично дело и Македонија стана прва земја во Западен Балкан со позитивен пример на добра пракса во време на растечко насилство врз жените во регионот како родово – базирано насилство чиј најтежок облик е фемицидот – убиство на жена само затоа што е жена.

Според извештајот „Фемицид во РСМ: Состојба, правна рамка и судска пракса“, во изминатите четири години, од 2018 до 2022 година, во Македонија имало кривично гонење во 17 случаи на фемицид заради убиство на 19 жени. Повеќето од жртвите биле или тековни или поранешни интимни партнери на сторителите или имале семејни врски со нив, а убистваа во сите испитани случаи биле извршени во стан, куќа или двор каде живеела жртвата. Убиствата на жените главно се извршени со ладно оружје, а огненото оружје е второто најзастапено при убиствата. Мнозинството од 17-те сторители биле невработени и имале психоза. Од испитуваните 17 судски постапки, судот во 14 случаи утврдил дека сторителите се виновни и ги осудил на затворски казни.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на конференцијата посветена на фемицидот и меѓународните стандарди и пракса на судовите на која учествуваа околу 100 судии и други правни професионалци, активисти и доносители на одлуки, прецизираше дека во 2019-та година од вкупно 5 убиства при семејно насилство 3 случаи се фемициди, во 2020 година од 4 убиства при семејно насилство 3 се фемициди додека во 2021 година од 5 убиства при семејно насилство 3 се фемициди.

-И покрај унапредувањето на законската рамка случаите на фемицид не се намалуваат. Во 2022 година за жал бројката се зголемува и од вкупно 7 убиства при семејно насилство 6 се фемициди. И оваа година во само првиот квартал сме се соочиле со 3 фемициди, додека неодамна имаше уште 2 случаи на убиства на жени во Куманово. Така шпто она што е обврска пред сите нас, особено пред мене како министерка за труд и социјална политика, особено што насилството врз жените е во наша надлежност и е во периодот пред нас многу поефикасно треба да ја имплементираме законската рамка и да ги заштитиме сите жени од било каков вид на насилство врз жените, рече Тренчевска.

Но ефективното спроведување на законските одредби како и Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството вез жените и семејното насилство останува проблематично.

-За жал имаме тажна статистика на фемицид во 2023 година. И еден фемицид да е, не треба да биде, страшно е. Системските предвидувања, организации, законите, институциите коишто се поставени за да го адресираат семејното насилство, бидејќи фемицидот во суштина е екстремниот резултат на семејното насилство во најголемиот број на случаи се на место. Она што ГРЕВИО констатира е дека сега треба да се работи на имплементација и мислам дека сега тоа е задача на нашата држава во идниот период и мислам дека сме на добар пат и трендовите се позитивни. Верувам дека нашата држава ќе направи разлика и ќе обезбеди да нема вакви случаи на фемицид во иднина, рече директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер Дамјановска.

Македонскиот пример со воведувањето на фемицидот како кривично дело е нотиран во „Регионалниот извештај за судскиот одговор на фемицидот во Западен Балкан“ изработен од АИРЕ центар и ФемПлац и претставува добар за останатите земји во регионот.

-Ние сме посебно задоволни што една држава од Западен Балкан тргна и препозна до која мера е битно ова посебно да се регулира во кривичното законодавство и сега тоа можеме понатаму да им ги препорачуваме и на другите држави. Регионалниот извештај покажа дека има многу сличности во тоа како општеството, судовите реагираат на фемицидот. Во него препораките се заеднички за сите држави и една од нив е дека треба да се усогласат сите законодавства, да се спроведуваат законите, а потребен е и некаков водич за сите судии и обвинители во регионот кој би го применувале во својата судска пракса, рече Косана Бекер, програмска директорка на ФемПлац.

Конференцијата за фемицидот е организирана од АИРЕ центарот и Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија, со поддршка од Владата и Обединетото Кралство.

 

 

Помош, маж ми ме тепа! Што прави полицаецот по пријава на семејно насилство?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот