ВИДЕО | Дупка кај Теферич сериозно ги „загрозува“ сите што возат по улица Мариовска

Фото: Слободен печат/ Методи Здравев

Од Општина Кисела Вода велат дека знаат за овој проблем и најавуваат дека ќе почнат со градежни работи на улицата следниот месец.

Огромна дупка на улицата Мариовска во близина на Теферич претставува сериозна опасност за сите граѓани што со автомобил минуваат по неа. Оштетувањето, поради кое асфалтот е буквално изместен на две нивоа, се наоѓа веднаш зад свијок на патот, па е особено небезбедна за оние што првпат се движат по улицата.

Мариовска се протега од Сопиште до маркетот „Томи“ во Кисела Вода и секојдневно ја користат жителите на Пржино за движење кон Центар и Кисела Вода. Токму тие раскажуваат за сите проблеми со кои се соочуваат на оваа сообраќајница.

 Улицата неколкупати е реконструирана, но џабе. Испукан е асфалтот по цела нејзина должина, ама кај Теферич е ужасно, а плус тоа тука нема ограда на патот и само го чекаме денот кога улицата на овој дел ќе се свлече долу во нивите. Мислам дека најголемиот проблем се направи до пред неколку години кога камиони шутот го истураа токму тука покрај патот. Сега веќе не е така, но сега некој конечно треба да ја поправи улицата додека не настрадал некој – вели жител на Пржино.

Проблеми, како што објаснува, настануваат и кога врне, кога дупката се полни од водите кои се слеваат и го отежнува одвивањето на сообраќајот кон Теферич.

Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Општина Кисела Вода со години во неколку фази ја реконструираше улицата. Последната обнова беше пред четири години кога се реконструираше на потегот од маркетот „Томи“ до крстосницата со улица Кавалска поради што неколку денови беше затворена за сообраќај.

Но, проблемите кај Теферич не се решија. Од Општината побаравме одговор дали се планира нова реконструкција на Мариовска. Оттаму велат дека знаат за овој проблем и најавуваат дека ќе започнат со градежни работи следниот месец.

 Општина Кисела Вода е информирана за овој проблем и соочена со сериозноста на оштетениот локален пат, активно работеше на изнаоѓање решение. Имено, по извршените анализи кои се одвиваа во изминатиот период, се изготвува техничка документација за трајна санација на делот од патот за изведба на бетонско армирано платно. Градежните активности ќе се одвиваат во месец октомври – објаснуваат од Општината.

Во јули годинава од Кисела Вода најавија дека се одвиваат градежни активности за реконструкција на неколку сообраќајници во населбите Пржино и Црниче, меѓу кои и на три краци од улицата Мариовска со површина од 1500 метри квадратни.

Како градоначалник досега многупати имам кажано дека нема да има заборавени улици, заборавени населби и дека до крајот на мојот мандат сите улици ќе бидат асфалтирани. Граѓаните се оние кои ми ја дадоа довербата која планирам целосно да ја оправдам -изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот