ВИДЕО | Болничарот од Токсикологија пред камера призна дека барал урина со наркотици да се замени со чиста, ама „услугата“ не му била завршена

Економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази не сакала да вработи персонал неопходен да функционира токсиколошката лабораторија, ако во истиот „пакет“ не влезат и други кадри, лаборанти, сестри и хигиеничарки од кои болницата нема никаква потреба, изјави професор доктор Нико Беќаровски, раководител на одделот за интензивна нега на Клиниката.

Тој заедно со лекарскиот колегиум на Клиниката за токсикологија одржа прес-конференција на која кажа дека сите 18 лица за кои се бара вработување не само што не се потребни во болницата, туку дел од нив се проблематични. Едниот од нив, болничар, вршел притисок врз лаборантот урина во која имало наркотици, да биде сменета со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил.

-Дискутиравме на стручен колегиум за ова и во записникот ќе видите дека баравме истиот во моментот да биде суспендиран. За жал и ден денеска уште се врти на работа. Ние како стручен колегиум и како лекарски колегиум го дискутиравме ова и зазедовме став дека тоа лице повеќе не смее да биде тука. За жал организационата директорка и понатаму го тера да доаѓа на работа. Еве го, тука е, рече професор доктор Беќаровски.

Доктор Беќаровски додаде дека 18 луѓе без никаков договор доаѓаат на работа иако од 31 декември не би требало да доаѓаат.

Дека овој човек (болничарот) уште оди на работа потврди и самиот, пред камери каде изјави дека „тој само прашал дали може да биде сменет резултатот и да му се помогне на негов познаник“, ама резултатот не бил сменет, туку лаборантот го одбил за „услугата“.

Во целата бизарна ситуација, лаборантот беше лут на екипата на „Слободен печат“ затоа што сме објавиле дека трпел притисоци и прашања од неговиот колега да го промени тестот за наркотици зашто како што рече „и утре треба да се појави на работа“. На Клиниката за токсикологија владее општа состојба на хаос, безредие и ситуации во кои дури и пред камера болничар изјавува дека побарал од лаборант да смени токсиколошки резултат, но овој го одбил, по што виновни им се новинарите кои ова го објавиле.

Да биде состојбата уште поскандалозна, економската директорка Иљази после прес-конференцијата на лекарскиот колегиум одржа своја прес-конференција само на албански јазик која дел од медиумите ја напуштија со оглед на тоа што им беше соопштено дека превод ќе нема. Таа не е разрешена, туку денеска министерот за здравство Илир Демири соопшти дека ќе го разрешел медицинскиот директор Данил Петровски.

-Уште од првиот ден се соочуваме со тотален отпор и несоработка со Иљази. Сите договори што ги правиме на состаноците, за неа од следниот ден не важат. Главен проблем во моментот е тоа што не е доекипирана лабораторијата. Токсиколошка клиника без токсиколошка лабораторија не може да функционира. Во моментот таму има само еден лаборант. За да работи минимум оваа лабораторија, потребни се барем двајца дипломирани биолози и уште еден техничар. Во неколку наврати бараме да се примат двајца лаборанти и еден болничар за да може овој период клиниката да функционира. Директорката упорно инсистира сите 18 кои беа примени со договор за дело а на кои договорот им е истечен на крајот на декември, да бидат истовремено примени. Ставот на лекарскиот колегиум е дека овие луѓе не ни се потребни, туку потребни се само тројца луѓе и тоа е се. Се инсистира по секоја цена луѓе кои секој директор си ги носеше како што доаѓаше и си одеше, да се примат по секоја цена. Ние бараме како стручен колегиум лабораторијата да продолжи да работи и да се почитуваат договорите. Сите сме возрасни и имаме повеќе стаж отколку моменталната директорка што има години, изјави доктор Нико Беќаровски.

Тој додаде дека Клиниката на ваков начин не може да функционира.

Лекарскиот колегиум на Клиниката за токсикологија кој денеска држеше прес е составен од професор Наташа Симоновска, раководител на центар за детоксикација, научен соработник Александра Бабуновска, професор Лидија Петковска раководител на амбулантскиот оддел, професор Нико Беќаровски раководител на одделот за интензивна нега на Клиниката, примариус доктор Ирена Јуруков претседател на Управниот одбор, професор Жанина Перевска раководител и доктор Билјана Иванова долгогодишен лекар специјалист на Клиниката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот