ВИДЕО | Атовска од Украина: Ужас во Буча – расфрлани тела, убиени цивили, обид за масовни гробници

Кристина Атовска од Киев / Утрински брифинг

Специјалниот известувач од Украина за „Утрински брифинг“ и „Слободен печат“ Кристина Атовска и денеска е во Киев и јавува за најновите случувања во земјата која повеќе од еден месец е цел на жестоки напади на руската армија.

– Бурен викенд во Украина. Од утринава од 06 часот повторно е возможно да се излезе од градот со возила. Вчера и завчера сите кои се обидоа беа вратени од армијата, затоа што како што изјавија имало многу расфрлени тела по улиците и не се пропуштаа луѓе да ги гледаат тие глетки. Најавија дека сите региони околу Киев, освен централните делови на главниот град се под полициски час до утрина до 06 часот, вели Атовска.

– Вчера армијата конечно влезе во Буча, предградието на Киев и фотографиите се застрашувачки. Буквално во Буча можевме да видиме расфрлани тела, врзани па убиени цивили, дури и обид за масовни гробници. Буквално сите се згрозени од таа глетка, известува Атовска.

– Продолжува акцијата за отстранување на мините во Ирпин и се соопштува дека за неколку денови ќе може да се влезе во Ирпин. Медиумите и властите она што се случи во Буча го класифицираат и нарекуваат обид за геноцид и се бара од меѓународната јавност да го класифицира како геноцид, известува Атовска.

Проследете ја целата репортажа во видеото

Инаку, Русија, која е обвинета за воени злосторства извршени во украинскиот град Буча, го негира сето тоа и побара дебата во Советот за безбедност на ОН, како што објави францускиот весник „Монд”.

Главниот украински обвинител објави дека на териториите ослободени од руската окупација се пронајдени 410 тела на цивили. Според Високиот комесаријат за човекови права на ОН, во Украина се убиени 1.417 цивили, меѓу кои 121 дете. Повредени се уште 2.038, од кои 171 деца. Жртвите и ранетите се главно поради гранатирањето и воздушните напади.

Целата меѓународна заедница ги осуди ужасите и повика на истрага, пишува францускиот весник Паризиен, истакнувајќи дека Западот бара нови санкции против Москва. Синоќа претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на Твитер објави дека „претстојат повеќе санкции и помош од ЕУ”.

Шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриан во изјавата истакна дека за да се принудат руските власти да стават крај на агресивната војна, неопходно е да се продолжи и да се зголеми „економскиот и меѓународниот притисок“ врз Русија.

Британскиот премиер Борис Џонсон на Твитер вети дека Лондон „ќе ги заостри санкциите’.

Украинскиот претседател ги нарече руските сили „убијци”, „мачители” и „силувачи”, забележува британскиот весник „Гардијан“. Русија, од своја страна, ја опиша ситуацијата во Буча како „провокација“ од Украина, чија цел е да ги попречи мировните преговори.

Министерството за одбрана во Москва ги опиша фотографиите и видеата од градот како „уште една изведена претстава на режимот во Киев”. Руските сили продолжија со нападите врз други украински градови.

Војници во Киев / Фото: К. Атовска, Слободен печат, Утрински брифинг

Војната во Украина е пресвртница во историјата, наведува Вашингтон пост. Одлуката на владата на германскиот канцелар Олаф Шолц да одвои повеќе од 100 милијарди долари за вооружените сили на Германија и да обезбеди смртоносно оружје за Украина е голема промена во повеќедеценискиот курс на уставниот пацифизам на Берлин.

Според самиот Шолц и неговите сојузници, ова е пресвртница во историјата. Следејќи ја европската визија за вечен мир, војната на континентот ја шокираше претпазливата германска политичка елита и ја поттикна да преземе акција.

За многумина од двете страни на Атлантикот, војната во Украина можеби означи нешто уште поголемо: крајот на една ера и почеток на нова, карактеризирана со поголема неизвесност и ривалство меѓу големите сили.

– Дури и во Вашингтон, да не зборуваме за западноевропските метрополи, има промена во атмосферата. Европските дипломати во главниот град на САД зборуваа за невидена солидарност меѓу сојузниците во НАТО и го поздравија раководството на владата на Бајден. Западот, како геополитичка единица, ретко бил пообединет, истакнува Шолц.

Проследете го целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот