ВИДЕO | Андоновиќ: Судирот меѓу Истокот и Западот се сели на друг континент?

Фото Слободен печат

Речиси 100 луѓе загинаа, а 1.100 се ранети во жестоки судири меѓу вооружени фракции низ Судан. Насилството и судирите меѓу армијата и паравоената вооружена група наречена Сили за брза поддршка на РСФ траат веќе петти ден. Двете страни тврдат дека ги контролираат клучните локации во главниот град Картум, каде цивилното население се крие во засолништe од експлозиите.

Борбите во главниот град Картум беа предизвикани од судирите меѓу генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, шеф на суданските вооружени сили и генералот Мохамед Хамдан Дагалo, познат и под прекарот „Хемеди“.

Бурхан и Дагало со заеднички сили извршија државен удар во 2021 година, преземајќи ја власта од преодниот совет формиран по соборувањето на исламистичкиот диктатор Омар ал-Башир. Генерал Дагало е командант на Силите за брза поддршка (РСФ), паравоена група формирана од милициите Џанџавид кои помогнаа во извршувањето на геноцидот во Дарфур под урнатиот диктатор Башир во кој загинаа околу стотици илјади луѓе во западен Судан.

Западните разузнавачи тврдат дела РСФ е поврзана со руската платеничка група Вагнер,на Евгениј Пригожин, која наводно им помогнала во обуката и опремувањето. Се верува дека Башир го довел Вагнер во Судан за да помогне во поткрепувањето на неговиот пропаднат режим во 2017 година, по состанокот со рускиот претседател Владимир Путин за време на кој Башир ветил дека ќе ја направи неговата земја да стане руско упориште или таканаречен „руски клуч за Африка“.

Во воените планови наводно било и изградба на воена база на руската морнарица на Црвеното Море во Порт Судан (Бур Судан), проект поддржан од компанијата Вагнер.

Оттогаш, според западните извори, Вагнер подолго време доставувал големи количини оружје и опрема во Судан, вклучувајќи и воени камиони, амфибиски возила и два транспортни хеликоптери. По падот на диктаторот Башир, руската платеничка група се поврзала со Бурхан и особено со генералот Дагалo. Тој продолжува да управува со компанијата „Меро голд“, која наводно експлоатира судански рудници и шверцува огромни количества злато надвор од земјата, полнејќи ги џебовите на Пригожин и земајќи му го на Судан потребниот приход за економско преживување, пишува „Телеграф“.

Се смета дека токму овал злато треба да му помогне на Кремљ да ги избегне западните санкции, и да и овозможи на Русија да ја финансира војната во Украина.

Западните аналитичари проценуваат дека добро ситуираните сили на РСФ со украдено суданско злато и добро вооружени со руско оружје ќе прават хаос во целиот северноафрикански регион.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси изјави дека стабилен режим во Картум е од витален интерес за неговата земја. Тој неодамна упати остар протест до суданските бунтовници кои за време на викендот заробија дел од египетските трупи во Судан кои во моментов се наоѓаа на заедничка воена вежба со регуларната суданска армија

Каиро, исто така, е загрижен дека овој конфликт и безредието во Судан ќе влијае врз проектот Големата етиопска ренесансна брана (ГЕРД), на која му е потребна поддршка од Картум за да се обезбеди снабдување на Египет со преку реката Нил.

Токму затоа постојат стравувањата дека суданскиот конфликт може да предизвика серија конфликти и да се прошири врз останатите африкански држави.

Бидејќи проектот за снабдување со вода од реката Нил е големо стратешко прашање за Египет, Каиро би можел воено да интервенира во Судан.

Исто така, Чад, Еритреја и Јужен Судан би можеле да се соочат со поплава од бегалци, покрај сите нивни внатрешни проблеми, а вакуумот во моќта ќе им овозможи на екстремистичките групи ширум регионот да ги искористат случувањата.

Лондонски „Телеграф“ потсетува и дека водачот на терористичката организација Ал Каеда, Осама бин Ладен, живеел во Судан пет години, од 1991 до 1996 година, додавајќи дека отворањето огромни области на пустината за следниот Бин Ладен ќе биде нешто што јасно би ја поткопало британската и американската безбедност.

Така, коинциденција или не, случајно или намерно отворањето на ново жариште на друг континент и бранот на насилство што може да има катастрофални последици не само за Судан и Северна Африка, туку и за целиот свет, може да и помогне на Москва за дефокусирање на светското внимание од Украина. Вагнер групата, а со тоа и Русија најверојатно ќе ја искористат оваа ситуација дополнително да извршат влијание во земјите на Африканскиот континент.

Судан можеби е првата африканска нација што и се заканува целосна воена ескалација, за што западот се погласно обвинува дека е под руско влијание.

Во Централноафриканската Република, Мозамбик, Либија и Мали, руските платеници делуваа и беа вмешани во постоечките конфликти, даваа поддршка на одредени режими.

Западот подолго време ги обвинуваа руските платеници дека наводно се во овие земји да ги потиснат демократските напори поддржани од западот, но и ограбување природни ресурси, обезбедување стратешка предност за Москва и потиснување на влијанието на Западот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот