Вечниот Ахмети ќе го заврши бесконечниот мандат?!

Десетина дена пред Новата година, Демократската унија за интеграција (ДУИ) најверојатно ќе му даде уште еден мандат на својот лидер Али Ахмети. Иако во изминатите неколку месеци се навестуваше дека во ДУИ се бара нов кормилар, сепак, како што дознаваме од партиски извори, неодамна била донесена одлука Ахмети да претседателствува со партијата и во следните четири години.

Тој е убедливо најдолговечниот партиски лидер во Македонија и единствениот политичар кој успеал од 2002 година до сега постојано да биде на власт (освен од 2006 до 2008).

Според аналитичарите, една од причините за долготрајноста на Ахмети е токму тоа што ДУИ во изминатите 17 години постојано успева да склучува коалиција со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ, во зависност од тоа која од нив победила на изборите, благодарение на „принципот“, на непишаното правило победникот во македонскиот блок да коалицира со победникот во албанскиот политички блок. Но, доколку ДУИ не биде дел од следната власт по предвремените парламентарни избори во април следната година, сметаат експертите, тогаш може да се очекува некаква промена во раководството на партијата. Според најавите, ДУИ на 21 декември освен реизбор на својот лидер ќе донесе измени во статутот и нова платформа, ќе избере нов шеф на изборниот штаб, а ќе изврши промени и во централното претседателство на партијата.

Без конкуренција

Министерот за економија од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека Али Ахмети има уште многу да ѝ даде на политиката во Северна Македонија, имајќи предвид дека веќе се решени сите крупни прашања.

Тој посочува дека екипата што победува никогаш не се менува, а посебно не се менува тренерот, односно лидерот на партијата Али Ахмети.

– Секако дека ќе има измени во раководството на ДУИ, но најважно за граѓаните и поддржувачите на ДУИ е дека нашата партија ќе излезе со нова програма, заснована на пет столба, програма што во наредните години ќе се препишува и од другите партии во регионот – истакна Бектеши.

Иако редовниот Конгрес на ДУИ требаше да се одржи летово, сепак, поради големиот број несогласувања во партијата за тоа кој треба да го наследи Ахмети, датумот за одржување Конгрес постојано се одложуваше.

Како што брифираат извори од партијата, одлуката Конгресот да се одржи на крајот на годинава паднала заедно со одлуката Ахмети да добие уште еден мандат.

Сврзливо ткиво

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека само евентуален дебакл за ДУИ на изборите во април може да го симне Али Ахмети од партискиот трон.

– Ако на претстојните избори во април ДУИ забележи лош резултат и стане втора албанска политичка партија, тоа дефинитивно ќе значи крај за Али Ахмети на лидерската функција. Но, сè додека ДУИ е партија со најголем број пратеници, таму нема да се случи никаква промена. Едноставно, не постои легален начин како Ахмети да се симне од тронот, освен, нели, доколку тој самиот си поднесе оставка, а тоа нема никогаш да се случи. Само дебакл на изборите може да го назначи почетокот на крајот за Ахмети. Тогаш ќе се појават нови сили што ќе бараат одговорност и свежа крв – објаснува Пекевски.

Според аналитичарот Владимир Божиновски, пак, една од причините за долготрајноста на Ахмети на лидерското столче е тоа што ДУИ во изминатите 17 години со еден краток прекин е постојано на власт.

– Втората причина која можеби е позначајна е дека очигледно Али Ахмети е ДУИ и ДУИ е Али Ахмети. Значи, тој е она сврзливо ткиво што ја држи партијата во целина. Ние сме свесни дека во минатото имаше многу сериозни судири меѓу различни крила или општински ограноци на партијата и дека најверојатно благодарејќи на Али Ахмети тие некако сè уште се менаџираат. Според мене, вистинско прашање е колку може да опстои ДУИ без Али Ахмети – вели Божиновски.

Досега сите поголеми партии сменија неколку лидери. Од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ партијата ја водеа Љубчо Георгиевски, Никола Груевски и сега Христијан Мицкоски. Во СДСМ, пак, лидери беа Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска и сега Зоран Заев.

Тодоров: Мандатите треба да се ограничат

Поранешниот министер за здравство од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, вели дека која било партија да дојде на власт, лидерот е семоќникот, возвишениот господар над сè и секого. Тој предлага неколку работи што треба да се поправат, меѓу кои и најважното: секој партиски лидер да има ограничен број мандати, односно најмногу два мандата по четири години.

– Најпрво да се донесе закон што ќе наложи партиите да мора јавно да ги објават сите свои членови и сите членови на органите на управување. Да се донесе закон со кој ќе се ограничи мандатот на лидерот на најмногу два мандата или 8 години, без право на повторен избор. Да се забрани со закон, основ за исклучување од партијата да биде припадност кон партиска фракција или јавно изразен став. Да се демократизира начинот на донесување на одлуките во рамки на партијата, односно да се избегне можноста за апсолутизам – смета Тодоров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот