Вашингтон загрижен поради постапките на Додик и вети дека ќе „одговори на заканите“

Џејк Саливен / Фото EPA-EFE/AL DRAGO / POOL

Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џејк Саливан во понеделникот потврди дека Белата куќа е загрижена поради „континуираните сецесионистички закани“ на Милорад Додик и најави дека американската влада ќе одговори на таквите закани.

Во објава на социјалната мрежа Икс, Саливан се огласи откако Додик минатата недела потврди дека властите на Република Српска подготвиле предлог за договор за „мирно раздружување“ на БиХ, кој имаат намера да го испратат до Федерацијата БиХ за коментар.

Содржината на тој документ се уште не е објавена, а Додик рече дека предвидува преоден период од три до пет години во кој, според неговите планови, двата ентитета со договор ќе одлучуваат за престанок на постоењето на БиХ како држава.

Саливан на ова одговори со порака дека САД се загрижени поради зголемените закани на Додик за територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.

„Ќе продолжиме да одговараме на сецесионистичките акции и активности и напади врз Дејтонскиот договор, вклучително и наметнувањето нови санкции“, напиша клучниот советник на претседателот Џо Бајден.

Саливан, исто така, истакна дека САД силно го поддржуваат високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит, да ги користи своите широки овластувања секогаш кога ќе биде нападнат Дејтонскиот договор, како и дека Вашингтон стои покрај граѓаните на БиХ и ги поддржува напорите нивната земја да се приклучи на евроатлантските интеграции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот