Уставен суд: Законот за употреба на јазиците ќе го разгледуваат сите деветмина судии

Седница на Уставен суд / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески
Седница на Уставен суд / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Законот за употреба на јазиците ќе биде ставен на седница на која ќе присуствуваат сите девет уставни судии, со оглед на значењето и интересот во јавноста, информираат од Уставниот суд. Седницата нема да биде во октомври, бидејќи е најавено отсуство на дел од судиите, велат од Судот.

– Предметот во кој е оспорен Законот за употреба на јазиците ќе биде ставен на седница на која ќе присуствуваат сите девет судии, со оглед на значењето и интересот во јавноста. Во текот на следниот месец, октомври, предметот не е предвиден за дневен ред на некоја од седниците поради најавеното отсуство на дел од судиите кои се потврдени како говорници на меѓународни настани надвор од државата, но и поради приватни причини. Веднаш штом ќе биде ставен на дневен ред, јавноста ќе биде информирана, велат од Уставен суд.

Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, а е оформен од 2019 година.

– Со Законот за јазиците политиката создаде своевиден правен хаос, кој резултираше со политички хаос, недоверба, дилеми. Јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег не за мудра, туку да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука. Што би можело да се одлучи, не знам и не можам да знам и нема да коментирам, изјави во интервју за МИА претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.

Собранието во март 2018 година го донесе новиот Закон за употреба на јазиците, со кој се проширува службената употреба на албанскиот јазик во целата држава. Претходниот закон го дефинираше албанскиот јазик како официјален јазик, но само на територијата на која Албанците сочинуваат повеќе од 20 проценти од локалното население.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот