Ураганoт Берил ќе ја погоди Јамајка во следните неколку часа

фото: EPA-EFE/Orlando Barria

Ураганот Берил, кој ги разори островите на источниот брег на Карибите, ќе ја погоди Јамајка во следните неколку часа. Досега седум лица загинаа во налетот на ураганот во Гренада, Венецуела и Свети Винсент и Гренадините, пренесува МИА.

Овој ураган, пред два дена достигна петта, максимална категорија над Атлантскиот Океан, а потоа ослабе на четврта категорија, која се смета за „потенцијално катастрофална“. Берил е најсилниот ураган од овој вид регистриран во ова време од годината.

Силниот ураган Берил/фотографија во Санто Доминго EPA-EFE/Orlando Barria

Американскиот Национален центар за урагани соопшти дека „окото“ на ураганот ќе помине близу или над јужниот дел на Јамајка. Јамајканските власти соопштија дека Владата направила сѐ што може за да се справи со ураган од таква сила.

Властите го исклучија електричниот напон во Кингстон, главниот град на Јамајка. Според Би-Би-Си, властите се решиле на овој потег за да ја зачуваат електроенергетската мрежа пред ударот на ураганот Берил.

фото: EPA/EFE

Патот кој води до меѓународниот аеродром Норман Манли, кој се наоѓа на полуостров, е блокиран. Огромните карпи кои се користат за заштита на брегот од бранови се урнати и паднале на патот.

Максималните брзини на ветровите на ураганот Берил достигнуваат 270 км/ч. На Јамајка се очекуваат разорни ветрови и по живот опасно покачување на нивото на морето до 2,7 метри.

Американската Национална управа за океани и атмосфера (NOAA) соопшти дека „окото“ на ураганот Бери продолжува да се движи кон Јамајка. Според последните податоци, „окото“ на ураганот е околу 80 километри југоисточно од Кингстон, главниот град на Јамајка.

Во последниот час урагански ветрови почнаа да дуваат на југоисточниот дел од островот. Брзината на ветровите моментално изнесува околу 85 км/ч, но постојано се зголемува.

Премиерот на Јамајка побара од сите на островот да ги почитуваат наредбите за евакуација во очекување на ударот на ураганот Берил. „Ги повикуваме сите на Јамајка да ги следат објавите за евакуација доколку и кога ќе бидат издадени“, рече премиерот Ендру Холнес во видео порака.

Тој исто така побара од луѓето кои живеат во низински подрачја да се евакуираат на повисоки места или во засолништа, дури и ако моментално не се под предупредување за евакуација. Ова вклучува и жители во подрачја кои се „историски подложни на поплави и свлечишта“ и оние кои „живеат на брегот на реки или ридови“, рече Холнес.

Во меѓувреме, Мајкл Бренан, директор на Националниот центар за урагани, соопшти и дека во некои делови на Јамајка се очекува до 30 сантиметри дожд (10 милиметри дожд =10 литри на метар квадратен), што може да предизвика поплави и свлечишта.

Слични услови се очекуваат и на Кајманските Острови – разорни ветрови, покачување на нивото на морето и обилни врнежи.

На полуостровот Јукатан – кој вклучува делови од југоисточно Мексико и Белизе – од денеска се во сила предупредувања за ураган.

Во североисточниот дел на Мексико и на бреговите на Тексас се очекува дека ураганот Берил за време на викендот ќе ослабне до категорија на тропска бура, со можност до недела повторно да зајакне во ураган. Жителите на Тексас се предупредени да ги следат вестите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот