Уплашени од казни, трговците распослаа амбалажа од еколошка хартија

Пластични ќеси за пазарење 5
Пластични ќеси за пазарење - фото: Драган Митрески - Слободен печат

Некои од маркетите уште пред еден месец ги исфрлиле пластичните кеси, па сега нудат нови видови од пресувана рециклирана хартија по цена од 8 денари или хартиени кеси по 12 денари. Во дел од аптеките треба да влегувате подготвени, ако купувате месечна терапија, оти и таму се наплаќаат брендирани мали кеси по цена од 10 денари, а по 2 денари ќе ви наплатат мала кеса и кога купувате долна облека

Повеќето трговци не се информирани дека и натаму ќе може да им нудат на граѓаните кеси по 15 денари, откако нивната целосна забрана е одложена за 1 јули догодина. По маркетите владее шаренило во понудата, продавачите креваат рамена, а некои уште пред еден месец ги исфрлиле ваквите кеси, па сега нудат нови видови од пресувана рециклирана хартија по цена од 8 денари или хартиени кеси кои чинат 12 денари. Некои маркети, пак, ги нудат пластичните биоразградливи кеси што чинат 15 денари, а во игра остануваат и големите полипропиленски торби за пазарење кои се продаваат по 40 денари. За промената на одлуката не се информирани ниту во малите пиљарници, пекарници и локални дуќани, кои и натаму се плашат дека ќе им пишат казна ако нудат кеси по 15 денари.

– Ништо не знаеме и ние сме збунети. Може да не казнат ако продаваме кеси по 15 денари, затоа од 1 јули ќе го ставаме зеленчукот во хартиени кеси, кои нема да ги наплатуваме. За поголемите набавки, граѓаните нека си носат торби од дома – ни рекоа во еден локален маркет.

Во дел од аптеките треба да влегувате подготвени ако купувате месечна терапија, оти и таму се наплаќаат брендирани мали кеси по цена од 10 денари, а по 2 денари ќе ви наплатат мала кеса и кога купувате долна облека. Единствено место каде што добивате и повеќе кеси отколку што ви е потребно се пазарите, каде што продавачите не штедат на амбалажа.

Инфографик: Слободен печат / Елисавета Бејкова

Пред неколку денови Министерството за животна средина во штура информација извести дека за една година ја одложило Одлуката за целосна забрана за пуштањето на пластични и оксобиоразградливи кеси за носење стока на пазарот до 1 јули 2024 година. Некои од производителите за „Слободен печат“ брифираат дека биле прифатени нивните аргументи дека олку ригорозен закон не постои никаде во земјите на ЕУ, ниту, пак, во околните земји. Истите извори, додаваат дека овој период ќе биде искористен за поголема подготовка на производниот процес, се разбира за оние компании што ќе го преживеат. Од триесетина домашни фабрики, неколку сосема згаснаа за овие две години откако се применува забраната за пластичните кеси, а и оние кои работат, живуркаат со минимален број на вработени. Од 1 декември 2021 година, во маркетите се продаваат пластични оксобиоразградливи кеси што чинат 15 денари. Од Министерството за животна средина тогаш ваквата одлука ја образложија како неопходна за граѓаните да се одвикнат од купување пластични кеси, но и за генерално намалување на употребата на пластиката.

– Законот беше донесен набрзина, без да се обмисли каква штета ќе ни нанесат нам. Никаде во Европа нема олку ригорозни одредби, иако станува збор за далеку побогати земји од нашата. Домашните производители издишаа, а увозот на најотровните и најопасните полипропиленски торби за пазарење тече на големо од Турција, Кина и од Србија. Дали некој размислува каква ќе биде еколошката штета, кога тие кеси ќе почнат да се фрлаат? Државата се фати за кесите за пазарење, а никој не прашува што се случува со пластиката која се мота на палетите кои носат разна стока? Што се случува со дебелиот најлон со кој се замотани апаратите за домаќинство или со стотиците метри пластика со која се покриваат становите кога се кречи – прашуваат дел од производителите.

Министерката за екологија информира дека е направена измена на правилникот,според кој е дозволена кеса за повеќекратна употреба која ќе се плаќа. Според неа, за еднократна употреба формално кесите не треба да се пуштаат на пазарите. Досега од продажбата на биоразградливите кеси се собрани 120 милиони денари, а сега се прави процена што да се финансира од нив.

Пред неколку денови поголем дел од медиумите пласираа информација дека од 1 јули годинава ќе биде целосно забранета употребата на пластични кеси во маркетите кои се продаваат за 15 денари, а ќе можат да се користат само биоразградливи кеси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот