Укината старосната граница: На натпреварот за Мис Универзум во Јужна Кореја учествува и 80-годишна жена

Фото: Скриншот/„Јуроњуз“

На натпреварот за претставничка на Јужна Кореја за Мис Универзум учествува и 80-годишната Чои Сун-хва, која е и најстарата учесничка досега по укинувањето на старосната граница за учество.

Чои беше претставена претходно овој месец како една од 32-та финалистки на годишниот избор за убавина, чиј победник ќе ја претставува земјата на финалето на Мис Универзум во Мексико во ноември, објави Си-eн-eн.

Таа за американската телевизиска мрежа изјави дека со учеството на натпреварот сака да покаже дека е можно да се одржи здравјето и убавиот изглед и во староста.

Чои, која има три внуци и ќе наполни 81 година следниот месец, за Си-eн-eн изјави дека е возбудена што ќе ја претставува својата земја во странство, наведувајќи ја поддршката од нејзините деца и внуци.

Со децении, Мис Универзум спроведуваше строги ограничувања за возраста и им дозволуваше на жените на возраст меѓу 18 и 28 години да учествуваат, но од оваа година горната старосна граница е укината поради зголемените повици за модернизација.

Минатата година организацијата ја укина долгогодишната забрана за учество на трудници, мајки и жени кои се во брак или разведени.

На изборот за Мис Универзум во Канада годинава учествуваше 58-годишна жена, а во Аргентина 60-годишна жена.

Во моментов најстарата учесничка во финалето во Мексико е 40-годишната Беатрис Нјоја од Малта, која е мајка на три деца, иако уште неколку земји допрва треба да ги изберат своите претставници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот