Убиство кое го шокираше светот: Ким Кардашијан ги посети браќата Менендез во затвор, фановите бесни за тоа како се прикажани во серијата на Нетфликс

Фото: EPA/Profimedia

Втората сезона од серијата „Чудовиште“, која е именувана „Чудовишта: приказната за Лајл и Ерик Менендез“ („Monsters: The Lyle and Erik Menendez Story“), е една од најгледаните содржини на филмската платформа Нетфликс во моментов и ја потсети светската јавност за вистинскиот случај од 1989 година, кога браќата Лајл и Ерик Менендез ги убија своите родители.

Убиство кое го шокираше светот

Хозе и Мери Луиз „Кити“ Менендез беа убиени во семејната куќа на 20 август 1989 година. Тогаш нивните синови, 21-годишниот Лајл и 18-годишниот Ерик , ги застрелале своите родители со пушка, која ја купиле неколку дена пред убиството.

Нивниот татко, Хозе Менендез, успешен кубанско-американски деловен директор, бил застрелан во главата од непосредна близина. Нивната мајка и поранешна слугинка, Кити Менендез, била застрелана неколку пати во торзото и лицето.

Хозе емигрирал во САД по кубанската револуција во педесеттите години и живеел на таванот на куќата на роднина додека не добил стипендија за колеџ. Таму ја запознал три години постарата Мери Луиз Андерсон, победничка на избор за убавина, која сите ја нарекувале Кити.

Тие се венчале во раните шеесетти и се преселиле во Њујорк, каде што Хозе дипломирал сметководство на колеџот Квинс. Па, така, од перач на садови тој станал успешен млад менаџер во светот на забавата. Раните осумдесетти ги поминал како директор на „Ар-си-еј рекордс“ и учествувал во потпишување договори со бендови како „Дјуран дјуран“, „Јуритмикс“ и „Менудо“.

Куќата во која биле убиени се наоѓа во еден од најексклузивните делови од Беверли Хилс, каде Мајкл Џексон и Елтон Џон живееле во различни периоди. Во 1988 година, Хозе ја купил куќата за четири милиони долари, а по убиството долго време била на продажба.

Сепак, куќата била проценета на 4,8 милиони долари во 1991 година и истата година била продадена за 3,6 милиони долари. Новиот сопственик живеел таму во следните осум години.

Семејството Менендез / Фото: XPUSJP / Backgrid UK / Profimedia

Ерик не можел да ја чува тајната

По убиството, иако живееле како да го освоиле главна премија на лото, помладиот брат Ерик бил прогонуван од убиството на неговите родители. Тој посетувал психотерапија кај д-р Жером Озиел, со кого разговарал за работите кои го мачат и му признал дека ги убил неговите родители. Озиел ѝ се доверил на неговата партнерка Џудалон Смит, кој подоцна одиграла клучна улога во откривањето на вистинските виновници зад грозоморното убиство.

Ерик велел дека го направиле тоа за да ја „извадат мајка им од нејзината беда“, додека Лајл јасно кажувал дека и двајцата се вмешани во злосторството. Озиел почнал да ги снима браќата како зборуваат за убиството, а неговата партнерка повикала полиција и тврдела дека има снимка од признението на браќата, по што тие биле уапсени. Лајл бил уапсен на 8 март 1990 година, додека Ерик бил уапсен на 11 март 1990 година на аеродром по враќањето од тениски турнир во Израел.

Судењето започнало на 20 јули 1993 година и веднаш станало вистинска медиумска сензација. Случајот многумина го доживеале како телевизиска сапуница која ги има сите потребни елементи: богато семејство растурено од скандал, двајца мистериозни млади момчиња и страшно злосторство.

На суд, обвинителите тврделе дека браќата Менендез го сакале наследството, но Лајл и Ерик велеле дека ги убиле нивните родители во самоодбрана. Тие изјавиле дека нивниот татко не само што имал големи очекувања од нив, туку и емотивно ги малтретирал.

Браќата тврделе дека нивниот татко сексуално ги злоставувал со години – Лајл од 6 до 8 години и Ерик од 6 до 18 години. Ова тврдење било исполнето со графички описи, што ја остави нацијата во вистински шок и ги подели пријателите и членовите на семејството.

Поротата не можела да се договори по првото судење

Адвокатот на Ерик, Лесли Абрамсон , кој станал ѕвезда за време на судењето и работел заедно со адвокатот на Лајл, Џералд Чалеф, тврдел дека двајцата дејствувале во самоодбрана откако пораснале во таков насилен и трауматизирачки дом.

Лајл, кој живо сведочел за наводното однесување на неговиот татко, исто така рече дека се соочил со татко му за сексуалниот напад на Ерик неколку дена пред убиствата и го сфатил лутиот одговор на неговиот татко како смртна закана.

Одбраната ја нападнала Кити и ја опишала како жена која се борела со алкохолизам и зависност од дрога. Таа била прикажана како „скршена сопруга и бескорисна мајка“, уништена од многуте афери на Хозе.

Првите судења траеле шест месеци, а двете завршиле со тоа што поротата не можела да се договори дали Лајл и Ерик се виновни за убиство или дејствувале во самоодбрана. Веднаш било објавено дека ќе бидат повторно судени.

Второто судење било одржано во октомври 1995 година и било многу помалку сензационално бидејќи судијата Стенли Вајсберг не дозволил телевизиски камери да влезат во судницата. Судијата, исто така, пресудил дека нема доволно докази дека Хозе ги малтретирал своите синови, што беше централно во тврдењето на одбраната дека браќата убиле од страв. На крајот, браќата биле осудени за убиство од прв степен на 21 март 1996 година.

Ерик и Лајл Менендез / Фото: VINCE BUCCI / AFP / Profimedia

Тие биле разделени веднаш по пресудата

Години подоцна, братучетка на браќата Менендез изјави за Еј-би-си њуз дека верувала дека Лајл ја кажува вистината за сексуалното злоставување бидејќи тој ѝ рекол слични работи како дете. Хозе подоцна бил обвинет за сексуална злоупотреба и од пејачот Рој Росело од бендот „Менудо“.

По пресудата, браќата Лајл и Ерик биле испратени во одвоени затвори до 2018 година, кога повторно биле обединети и им било дозволено да ја отслужат казната во истиот објект во Сан Диего. Кога повторно се виделе, едноставно заплакале. Додека биле разделени, не смееле ниту да разговараат на телефон, туку си пишувале писма и играле шах преку електронска пошта.

„Ја сакам мајка ми и сè уште плачам по неа, но не ѝ простив. Таа донесе низа погрешни одлуки и избра да молчи за тоа што се случува. Каква мајка може да дозволи такво нешто?“, изјави Лајл Менендез за „Еј-би-си“.

Ги посети Ким Кардашијан

Минатиот викенд, Ким Кардашијан пристигна во затворот „Ричард Џ. Донован“, во близина на Сан Диего, каде зборувала со голема група затвореници, вклучувајќи ги и браќата Менендез, за реформата на затворскиот систем.

Кардашијан била во придружба на сестра ѝ Клои Кардашијан, мајка ѝ Крис Џенер, филмскиот продуцент Скот Будник и актерот Купер Кох, кој го глуми Ерик во серијата на Нетфликс.

„Јас пораснав на улицата каде што се случи убиството. Сите одевме во исто училиште. Се сеќавам дека слушнав за тој случај. Татко ми ме возеше покрај куќата и ми ја раскажа приказната. И тој бил во таа куќа“, рекла Ким Кардашијан.

Серијата е главна тема и на социјалната мрежа ТикТок, каде многумина зборуваат за овој случај. На платформата се појавија бројни видеа со анализи и реакции за случајот, а многу корисници изразија сочувство за осудените браќа. Многумина веруваат дека Лајл и Ерик не требало да бидат осудени. Корисниците објавуваат болни сведоштва на браќата и додаваат дека за време на судењето биле третирани со голема неправда.

Рекламен билборд за серијата „Чудовишта“ / Фото: Barry King / Alamy / Alamy / Profimedia

Ерик Менендез со критика за серијата

Преку изјава на неговата сопруга, Ерик Менендез ги искритикува Нетфликс и извршниот продуцент Рајан Марфи дека не ја прикажуваат вистинската приказна.

„За мене е тажно што срамното прикажување на Нетфликс на трагедиите околу нашето злосторство ја врати болната вистина неколку чекори назад – во време кога обвинението се засноваше на верувањето дека мажите не можат да бидат сексуално злоупотребени и дека мажите не го доживуваат трауматичното. искуство на силување како жените“, изјави Ерик.

„Тие одвратни лаги беа оспорувани и разоткриени од безброј храбри жртви во изминатите две децении, кои храбро проговорија откако се соочија со сопствениот срам. И сега Марфи го создаде овој ужасен наратив преку грозни и ужасни прикази на Лајл и мене и обесхрабрувачка клевета“, додаде тој.

„Деморализирачки е тоа што еден човек, кој има моќ, може да го поткопа деценискиот напредок во расветлувањето на детската траума. Насилството никогаш не е решение, никогаш не е решение и секогаш е трагично“, заклучил Ерик.

Браќата беа осудени на доживотен затвор без можност за условно ослободување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот