Туристите уживаат во македонските убавини за 40 денари, туристичката такса по стара цена

Охрид чаршија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Четириесет денари или седумдесетина центи изнесува туристичката такса од која 80 отсто остануваат во касата на општините, додека 20 отсто одат во државниот буџет, по што се искористуваат за туристичка промоција на Македонија и таа не е зголемена речиси дваесетина години. Туристичката такса се собира исклучиво од лиценцираните и категоризирани даватели на угостителски услуги

Четириесет денари или седумдесетина центи изнесува туристичката такса од која 80 отсто остануваат во касата на општините, додека 20 отсто одат во државниот буџет, по што се искористуваат за туристичка промоција на Македонија и таа не е зголемена речиси дваесетина години. Туристичката такса се собира исклучиво од лиценцираните и категоризирани даватели на угостителски услуги, а според познавачите огромен дел од оваа давачка останува во сивата зона.

Од јануари до јули годинава во однос на истиот период лани, бројот на домашните и на странските туристи е зголемен за 8,7 отсто, при што кај странските има зголемување за 13,7 проценти. Бројот, пак, на ноќевања е зголемен за 6,1 отсто, кај домашните туристи за 2,7, а кај странските за 9,7 проценти.

Експертите сметаат дека е крајно време да се зголеми оваа давачка, која генерално зависи од Законот за туристичка дејност, дотолку повеќе што многу светски и европски дестинации покрај дневните и ноќни такси, веќе на големо воведуваат и еколошка такса за одржлив развој.

– Локалните самоуправи би требало да се најзаинтересирани за зголемување на туристичката такса, бидејќи кај нив оди најголемиот дел од колачот. Ако, на пример, во Охрид се регистрирани 1,1 милиони ноќевања, тие годишно би имале меѓу 30 и 35 милиони денари од таксата, што е речиси четирипати повеќе од буџетот за промоција на Агенцијата за поддршка на туризмот. Уште во 2019 година имаше најави за ревизија на законот за туристичка дејност, но тоа досега не е сторено. Многу светски и европски дестинации веќе ја воведоа еколошката такса, од каде што генерираат средства за одржлив туризам, за управување со отпадот, за намалување на загадувањето преку еколошкиот транспорт и слично – објаснува Љупчо Јаневски, поранешен директор на АППР.

Инаку, во првиот квартал од годината во касата на најтуристичкиот Охрид се слеале над 1 милион денари од туристичка такса, што е зголемување во споредба со изминатите години.

– Средствата собрани од туристичката такса се реинвестираат во Програмата за развој на туризмот за проекти и активности за поддршка на туристичката сфера – посочија од Општина Охрид. Инаку, во Охрид има 3.049 регистрирани даватели на угостителски услуги од мал обем, станоиздавачи.
Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид, неодамна изјави дека Општина Охрид ќе предложи паушална наплата на туристичката такса како новина во прибирањето средства од приватните станоиздавачи и хотелиерите. Годишниот паушал ќе се пресметува според бројот на легла и просечната исполнетост во годината, а за ваквиот начин на наплата потребно е да се направат и законски измени – објасни Пецаков.

– Во моментов, тоа е само идеја, потребно е време. Нема да се однесува само на Охрид, туку на ниво на Македонија. Но, за да се реализира тоа, потребни се законски измени. Ние ќе го подготвиме законското решение и во разговор со Владата, дали преку ЗЕЛС или како Општина Охрид, ќе пробаме да стигнеме до едно заедничко решение за паушална наплата на туристичката такса – рече Пецаков за СДК.мк.

Според него, се предвидува паушалното плаќање да биде во согласност со просечната исполнетост во годината. Со тоа, секој совет во општините одделно ќе може да одлучува за просечната исполнетост.

– Во Охрид, на пример, би имало 70 дена просечна исполнетост, а според статистиката, има повеќе од 30.000 регистрирани кревети. На тој начин би се собрале над 2,1 милиони евра, а ние досега немаме надминато над 600.000 евра приход. Реално е дека постои 70 дена просечна исполнетост, и во хотелскиот и во приватниот дел. Тоа ќе претставува многу поголем приход за самата Општина, а и луѓето нема да имаат обврска да плаќаат врз основа на она што тие го прибавуваат, туку врз основа на просечна исполнетост одредена од Советот на Општина Охрид – појасни Пецаков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот