Откако турски војници беа нападнати од Сиријци, Турција ја затвори границата

фото: МИА

Турција денеска го затвори главниот граничен премин кон североисточна Сирија, откако турски војници беа нападнати од Сиријци лути поради насилството врз нивните сонародници во Турција.

Насилството врз Сиријците во Турција почна во неделата вечерта откако на социјалните мрежи беше објавено дека во Кајсери, централна Турција, Сириец злоупотребувал роднина. Полицијата го истражува случајот.

Во Кајсери уништени се сириски имоти, куќи и возила. Насилството се прошири во провинциите Хатај, Газиантеп, Коња, Бурса и во Истанбул. На социјалните мрежи беше објавено дека има повредени Сиријци.

– Турската полиција уапси 474 лица вклучени во синоќешните нападите врз сириската заедница ширум земјата, изјави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

Поради насилствата во Турција стотици Сиријци синоќа излегоа на улиците во неколку градови во северозападна Сирија, кои се под контрола на бунтовниците, област каде Турција има распоредено илјадници војници. Тие се судрија со турските војници. Сирискиот пограничен град Африн беше место на најжестоките судири, каде загинаа најмалку четири лица. Цивилите фрлаа камења врз турските конвои во неколку градови и го тргнаа турското знаме од некои канцеларии. Неколку турски официјални лица ги опишаа немирите во Сирија како „провокации“, пренесува МИА.

Анкара синоќа поради немирите во северозападна Сирија го затвори граничниот премин Баб ал Хава, главна трговска и патничка рута за повеќе од три милиони жители, како и Баб ал Салам и други помали премини.

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган за нападите врз Сиријците ја обвини опозицијата, истакнувајќи оти шири расизам во земја во која се сместени над три милиони бегалци од Сирија

– Ништо не може да се постигне со поттикнување ксенофобија или омраза кон бегалците, наведе Ердоган.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот