Три животни кои можат да откријат болест кај луѓето – од рак до Паркинсонова болест

Фото: Pexels / RDNE Stock project

Многу болести што ги намирисуваат животните можат да бидат опасни по животот на луѓето.

Правилната дијагноза на болестите обично ја поврзуваме со многу скапа и напредна опрема што може да погледне во внатрешноста на човечкото тело. Се разбира, таквата опрема е одлична и лесно ги открива болестите со кои се соочуваат луѓето во модерното време, за жал, не сите, пишува „Конверзејшн“.

Меѓутоа, оваа опрема не е единствената што може да открие дали сте болни и кој дел од вашето тело е зафатен од одредена болест.

Има многу примери во кои домашните миленици, главно кучињата, почувствувале дека нешто се случува во организмот на нивните сопственици. Примерите вклучуваат кучиња кои лижеле, душкале, па дури и се обидувале да ги заџвакаат дамките на кожата на своите сопственици. Овие „дамки“ подоцна биле дијагностицирани како малигнен меланом (рак на кожата).

Животните како што се глувците, мравките и кучињата повеќепати ја докажале способноста да откриваат болести кај луѓето, но и од биолошки примероци во текот на експериментите. Докажано е дека можат да откријат повеќе болести, од инфекции на уринарниот тракт и гастроинтестинални инфекции до ковид-19.

Многу болести кои животните можат да ги намирисаат всушност можат да бидат опасни по живот, па затоа раното откривање често е клучот за излекување, ако не и спасување на животот на пациентот.

Животни кои речиси секојдневно ги среќаваме, а кои можат да ни помогнат во раното откривање на некои болести се кучињата и пчелите. Покрај нив, тука се и стаорците.

Кучиња

Кучињата со причина се тренирани да бидат терапевтски миленичиња. Тие можат да откријат многу болести, а некои од нив се Паркинсонова болест, маларија, но и болести поврзани со уринарниот тракт. Специјално обучените кучиња можат лесно да препознаат доаѓање на епилептичен напад кај своите сопственици, како и низок крвен шеќер кај дијабетичарите.

Главното сетило кое им овозможува на кучињата да бидат живи детектори за болести е, всушност, нивното сетило за мирис, кое се смета дека е повеќе од 10.000 пати посилно од човечкото. Интересно е да се забележи дека нивното сетило е толку развиено, што можат да користат една по една ноздра додека ги истражуваат новите мириси.

Пчели

Да нема пчели, нема да има луѓе. Покрај тоа што се сметаат за едни од најважните во екосистемот, овие мали инсекти можат да препознаат и знаци на болести како што се туберкулоза, болести поврзани со белите дробови и ковид-19.

Тие се многу чувствителни на мириси со мала концентрација, поради што се способни да откријат хемиски промени во човечкото тело.

Истражувачите дури успеале да ги обучат пчелите да реагираат на присуството на одредени мириси со исплазување на јазикот. Кога го правеле тоа, добивале шеќер, што пчелите го гледале како награда.

Со правилна и доследна обука, пчелите отсекогаш реагирале на овој начин на одредени мириси.

Стаорци

Станува збор за животни кои со право се сметаат за едни од најистрајните и најприлагодливите во животинскиот свет. Африканскиот џиновски торбарски стаорец е трениран да открие мирис на експлозивни нагазни мини во Мозамбик.

Овие стаорци, исто така, се покажале како вредни партнери во медицинските истражувања и играат важна улога во откривањето на туберкулозата.

Тие ги користат своите вештини за душкање за да го откријат препознатливиот хемиски потпис на туберкулозата во примероците. Стаорците имаат неверојатна стапка на успех – точно откривање на позитивните случаи на туберколоза во 81 отсто од случаите.

Како животните ги откриваат болестите кај луѓето?

Ова е поврзано со способноста на многу животни да откријат суптилни промени во профилот на хемискиот мирис на една личност. Многу видови, вклучувајќи кучиња, стаорци и пчели, можат да откријат многу суптилни промени во супстанциите наречени испарливи органски соединенија (VOCs). Телото ги ослободува на многу ниски нивоа дури и кога е здраво.

Всушност, издишаниот човечки здив содржи приближно 3.500 различни испарливи органски соединенија. Составот и концентрацијата на овие соединенија што ги ослободува телото се менува во зависност од здравствената состојба на личноста и ќе бидат различни ако телото се бори со инфекција или ако личноста има некој друг здравствен проблем.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот