Три бронзени медали за Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика

Фото: Здружение на информатичарите на Македонија (ЗИМ)

Македонските ученици освоија три бронзени медали на Европската јуниорска олимпијада по информатика која се одржува во Кишињев, Молдавија.

Бронзените медали за Македонија на овој интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години ги освоија Владимир Грчев од Кочани, Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица. Четврти член на македонскиот тим беше Бисера Илиева од Скопје, која како и Марко Кренков првпат учествуваше на интернационален натпревар по информатика. Тимот беше раководен од лидерите, Владислав Бидиков и Иван Занов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Фото: Здружение на информатичарите на Македонија (ЗИМ)

Овие ученици беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ).

Претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов изјави дека овој резултат е многу висок, ако се земе предвид големината на нашата земја.

– Дополнително, годинава и на Јуниорската балканска олимпијада нашите натпреварувачи освоија три медали, а Македонија беше меѓу првите четири најдобри земји. Сè уште чекаме одговор на барањето до МОН за покривање на трошоците за ова патување до Молдавија, како законска обврска на МОН која произлегува од законот за основно образование. Во меѓувреме се подготвуваме за учество на Интернационалната олимпијада во Египет, а најголем дел од нашите напори се за организирање на Балканската олимпијада по информатика на која ние ќе бидеме домаќини од 20 до 26  септември во Охрид. Бидејќи покривањето на сите трошоци за Балканијадата за над 100 учесници од 15 земји се трудиме да го обезбедиме само со спонзорства, упатувам јавен апел до македонските компании да ни помогнат во организацијата на овој настан – вели Јовановски.

Фото: Здружение на информатичарите на Македонија (ЗИМ)

Македонските ученици на досегашните осум изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно еден златен и шест бронзени медали.

Фото: Здружение на информатичарите на Македонија (ЗИМ)

На ЕЈОИ годинава учествуваат вкупно 98 ученици од 26 европски земји. Следната Европска јуниорска олимпијада по информатика ќе се одржи идната година во Азербејџан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот