Трговци, срам да ви е!

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Истото месо се продава двојно поевтино отколку порано, а поевтини и истиот леб. Зошто? Па, со ограничената маржа од 10 проценти, трговците сега не може да ги постигнат претходните цени. Каде е пазарната етика во пазарната економија?

Кога се направи ограничувањето на маржите на основните прехранбени производи на површина излезе се што правеле трговците во изминатиов период. Вистината е поразителна за моралот на дел од нив, но и за системот што дозволува кршење закони и доведување купувачи во заблуда.

Деновиве сме сведоци на секакви небулози низ продавниците. На виделина излезе она на што алармираа и домашните производители на месо: пазарот е преплавен со замрзнато месо, а некои трговци го продаваат како свежо. Така, одеднаш во некои продавници месото осамна со двојно пониска цена отколку претходно. Зајакот лежи во тоа што претходно го продавале како свежо, иако го купиле како замрзнато. Со ограничувањето на маржата, тие не можат да остварат толкава заработка каква што остварувале кога ги мамеле купувачите.

Во една продавница, пак, истиот леб од порано сега се продава поевтино?! Причината е иста – во трговијата му ставиле толкава маржа, што сега кога се ограничила на 10 проценти, не може да ја постигнат претходната цена.

Револт кон трговците, во последниве денови, видовме од сите страни. Производителите јавно говореа дека тие во цената вградуваат сосема мала заработка, а потоа трговците се богатат на нивната мака. Револтиран беше и министерот за економија Крешник Бектеши. Тој рече дека, ако се погледнат заработките на трговските синџири, ќе се види колку тие биле несолидарни во време на пандемија и дека некои од нив ставале маржи и од 30 проценти на одделни производи. Тој ги обвини трговците и дека пред да се одмрзнат цените, ги повлекувале производите за подоцна да може да стават повисока цена.

Такво обвинување стигна и од претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во врска со турканиците за бензин, што се случија во четвртокот. Тој рече дека некои мали бензински пумпи ја ограничувале продажбата на бензин до 500 денари, очекувајќи го следното зголемување на цената и, револтиран, нив ги нарече воени профитери!

Државата, пак, може само привремено да ги ограничи маржите. Во спротивно, тоа би се косело со начелата на пазарна економија и со уставното право за слобода на претприeмништво. Што во такви услови? Министерот за економија најави подготовка на закон против нефер трговски практики. Производителите со радост го чекаат, но и според тој закон, маржите не може да се ограничат. Европската директивата на која треба да се базира таквиот закон, главно се однесува на рокови за плаќање земјоделски производи, што секако е многу важно. Но, како да се справиме со самоволието на трговците? Особено што трговците станувaат финансиски сè помоќни и пред очите на сите диктираат некои правила.

На пример, сите видовме што се случи со недела неработен ден.

Очигледно, пазарната економија ја надмина својата првобитна форма и стана пазарен атак врз сите во синџирот на создавање храна и на крај атак врз џебот на граѓаните и тоа, онака, бескрупулозно и без „пардон“. Трговци, срам да ви е! Каде ви е пазарната етика во пазарната економија?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот