Тренчевска: Денот на сеќавањето на Ататурк е значаен за сите Турци, но и за нас

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска вечерва се обрати на свеченоста организирана по повод 19 мај, Денот на сеќавањето на Кемал Ататурк и празник на младоста и спортот. Свеченоста со своето поздравно обраќање ја отвори претседателот на Партијата за движење на Турците, Енес Ибрахим.

– Во мое и во име на Владата на Република Северна Македонија го честитам овој значаен празник на сите наши сограѓани припадници на турската заедница, како и на сите припадници на турскиот народ насекаде низ светот. Овој ден е од посебно значење за турската заедница, но и за нас, македонскиот народ бидејќи историското наследство на таткото на модерна Турција, големиот реформатор Мустафа Кемал Ататурк е и наследство со кое и ние се поистоветуваме, меѓудругото и поради неговите корени кои потекнуваат токму од нашата држава – рече Тренчевска во своето обраќање.

 

Таа истакна дека државата никогаш нема да ја заборави подадената рака на пријателскиот турски народ во пресудните историски мигови. Министерката посочи на тоа дека Турција беше меѓу првите земји кои ја признаа независноста, територијалниот интегритет и суверенитет и истакна дека тоа е непобитен факт, длабоко врежан во историјата на македонската држава.

– Македонскиот народ не го брише минатото, туку се гордее со него. Безвременските дела на големиот Кемал Ататурк денес се оживеани преку културните институции, преку неговиот Музеј во родното место на неговите предци Коџаџик во Центар Жупа, преку спомен собата во Музејот во Битола и Турскиот театар во Скопје. Турскиот јазик е жив во нашата држава и се зборува во училиштата, но за нас е најважно сите деца да си ја негуваат традицијата од најмали нозе затоа во градинките имаме и групи кои учат и се воспитуваат на турски јазик – рече Тренчевска.

Министерката своето обраќање го затвори со искажување на своето уверување за продолжувањето на одличните односи меѓу Република Северна Македонија и Турција како и зацврстување и унапредување на взаемната соработка.
Свеченоста продолжи во духот на уметноста со настап од познатиот турски пејач Озѓун.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот