Тренчевска: Цените не се намалени, мерките на Владата немаат ефект

Јована Тренчевска/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Цените на производите по маркетите не се намалени, иако Владата тоа помпезно го најавуваше. На ова реагираа и граѓаните, освен еден вид леб, чија цена е намалена за 1 денар, на останатите производи нема намалување, рече пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска, во дебатната емисија „Отворено“ на 24 телевизија.

– Наместо намалени цени имаме зголемени цени на храна за 717 денари, и ова е уште една потврда дека мерките на владата на Мицкоски се задоцнети и немаат ефект. Граѓаните не осетија подобрување на животниот стандард и додека во Србија и Црна Гора се намалија цените на 700 производи, кај нас се намалуваат маржи на едвај 70 производи. Кога СДСМ беше на власт, беа намалени цените на 500 производи, а за подобар животен стандард на граѓаните, воведовме пакет антикризни мерки. ДПМНЕ освен да манипулира, нема никаква идеја и води погрешна економска политика, од која граѓаните немаат никаква корист – изјави таа.

Цените на 73 прехранбени производи се намалени до 31 октомври годинава, откако Владата ја објави есенската потрошувачка кошница и усвои Одлука за ограничување на бруто профитна маржа на дел од основните прехранбени производи до 10 проценти во трговијата на големо и на мало.

Есенската кошница се полни со производи што се поевтини од 2 до 10 денари

Од обиколката што „Слободен печат“ ја направи низ дел од скопските маркети, можеше да се забележи дека менаџерите интензивно ги менуваа цените на рафтовите и брзаа да ги постават ознаките „помалку трошоци, повеќе за тебе“ за да не се најдат на удар на пазарната инспекција

Намалувања на одредени производи од 2 до 10 денари, цени останати на истото ниво како и претходно (јајца), зголемувања кај голем број прехранбени, кондиторски и хемиски производи и понуда на зеленчук и овошје со евидентно понизок квалитет е билансот од првиот ден на со денови најавуваната поевтина за 10 отсто есенска кошница.

Поевтини цени за десетина денари можеа да се забележат кај дел од сирењата и кашкавалите, но тие и натаму остануваат недостапни за голем дел од муштериите. Очекувањата на граѓаните спласнаа како издуван балон, а тие револтирано прашуваат дали ова е реално намалување на основните прехранбени производи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот