Треба кризно гласање за антикризните мерки

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Ако се присетиме како во минатото функционираше Собранието во однос на гласањето на законите поврзани со антикризните мерки, тогаш навистина треба да држиме палци за среќа – за да има совест кај пратениците и под итно да се изгласаат мерки што може да им помогнат на илјадници семејства.

Долгоочекуваните антикризни мерки конечно се соопштени. Стопанствениците, експертите, но и обичните граѓани со денови алармираа дека кризата зема сè поголем замав и дека нема време за идни најави за помош. Сепак, и покрај тоа што мерките се соопштени, тие нема веднаш да може да се стават во функција. Премиерот Димитар Ковачевски јасно порача дека за некои од нив мора да се направат законски измени. Така е за пензионерите кои, во зависност дали се меѓу оние со најмали пензии или со малку повисоки, треба да добијат месечна помош од 750 до 1.500 денари. Ако се присетиме како во минатото функционираше Собранието во однос на гласањето на законите поврзани со антикризните мерки, тогаш навистина треба да држиме палци за среќа – за да има совест кај пратениците и под итно да се изгласаат мерките што може да им помогнат на илјадници семејства.

Во директните мерки се издвојува и еднократната помош по 3.000 денари во наредните четири месеци за ранливите категории граѓани, кои сега примаат различни видови помош од државата. Само да не се огрешат пратениците, па и овие 42.000 граѓани да чекаат на нивното притискање копче, она електронско моделирање на некогашните кренати два прста.
Стокмениот пакет за помош не е мал. Владата тврди дека е 350 милиони евра, а во долгата говоранција премиерот Ковачевски спомна долга низа мерки. Но, во тој кош, на пример, е ставен и повратот на дел од ДДВ, кој со закон и така е веќе во функција. Како што рече Ковачевски, „обезбедени се средства за враќање на парите кај граѓаните преку програмата „Мој ДДВ“, за што во буџетот издвоивме речиси 18 милиони евра“.

Во однос на платите, премиерот информираше дека ќе се субвенционираат придонесите за поддршка на зголемување на платите на вработените во приватниот сектор во вкупен износ од над 17 милиони евра. Но, никаде никој не спомена законско усогласување на платите со растот на минималната плата. А, ако државата не почитува закон, кој друг да го почитува?
Мерки побараа и стопанствениците, но ден по соопштување на антикризниот пакет, компаниите не излегоа со ниту едно соопштение. Повеќе ми се чини дека на некој начин се затечени и дека не го добија тоа што најмногу ги мачи – некаква помош за електрична енергија.

„Секако не го забораваме и приватниот сектор – микро, малите и средни компании, тие се нашиот столб“, рече премиерот. Се проширува и опсегот компании што се корисници на кредитно гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, обезбедена е директна кредитна линија за поддршка на ликвидноста на микро, мали и средни трговски друштва, како и на занаетчиите, а скратен е и периодот за поврат на ДДВ, што реално државата им го должи на компаниите.

Во однос на енергетската криза, добрата вест е што училиштата и здравствените установи се вклучуваат на регулираниот пазар. Секако и тоа бара државни пари, затоа што таа цена е значително под берзанската.
Како и секогаш кога се прави список на тоа кој треба да добие пари од државната каса, ќе се јават и многу незадоволни. Но, како што уште пред една година ни порачаа од Светска банка, државата нема неограничени пари, помошта треба да се намалува и строго да се насочува. Токму по тој рецепт е и оваа помош. Таа се најавуваше како строго таргетирана. Но, она што не може да не се забележи е дека на неа долго се чекаше и дека може уште подолго да се чека ако запнат законите во Собранието.

Сега е време кога секој денар вреди многу повеќе од порано. Сега е време кога ќе мора парите да се позајмуваат по поскапи камати, а инфлацијата ги даде домашните заработки. Затоа, додека ја дели државата помошта од антикризниот пакет, мора уште повеќе да ги стегне своите редови, но не со намалување на натпросечните плати во јавниот сектор (се слушна и таква идеја) туку со затегање на секој денар од своето комфорно однесување. И тоа е една антикризна мерка, а од заштедата добива народот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот