Трајанов вели дека нема да гласа за новата влада, ако влегувањето на АА значи повеќе министри-Албанци

Павле Трајанов

Нема да гласам за влада ако го нарушува основниот принцип на соодветна и правична застапеност во органите на власт, изјави вечерва лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов, кој е и пратеник во Собранието од редовите на власта.

Тој, во „Тема на денот“ на телевизија „Сител“, рече дека ќе почека прво да види како ќе биде компонирана владата. Доколку ДУИ, Алијанса за Албанците и Алтернатива се сложат да ги поделат местата во Владата, Трајанов вели дека ќе ја поддржи таквата влада, но, како што рече, „ако се нарушуваат основните принципи, овој преседан може да направи опасни поделби во државата”.

Запрашан зошто е против проширувањето на владиниот кабинет со Алијанса за Албанците, Трајанов рече дека со проширување на бројот на министерски места кои ќе припаднат на албанската етничка заедница, „во голема мера ќе се нарушат внатрешните етнички односи“.

– Треба да направиме сѐ да не се наруши етничкиот баланс во владата и органите на власта. Изјавите на АА дека се вклучуваат во овој фронт за европската перспектива, во суштина, ако се „за” Европа и ЕУ, ако ги поддржуваат процесите апсолутно нема потреба да условуваат со влез во владата. Треба да ја поддржат Владата во евроинтеграциските процеси и тоа би било фер, рече Трајанов.

Прашан дали разговарал со ВМРО-ДПМНЕ околу одредена можна соработка за креирање ново мнозинство во Собранието, Трајанов рече дека не разговарал со никого од партијата и оти нема намера да преговара со ниту една политичка партија надвор од јавната сцена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот