Тероризам во Белград: Вахабит, слободен стрелец?

Српски специјалци/ Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

По терористичкиот напад во Беглрад, српските власти говорат за исламистичка мрежа која планирала напади. Информациите се штури, но се претпоставува дека нападот целно бил изведен пред израелската амбасада.

Нападот со самострел врз полицаец пред израелската амбасада во Белград е новина за Србија во која досега немало исламистички напади. Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ соопшти дека името на убиениот напаѓач е Милош Жујовиќ, верското Салахудин, кој преминал во Ислам и се преселил од Младеновац во Нови Пазар. Министерот вети сеопфатна истрага и најави дека ќе ги испита сите контакти кои ги имал извршителот на терористичкиот напад.

Напаѓачот бил следен

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Жујовиќ, како и некои други лица, биле следени поради индиции дека би можеле да извршат вакво дело, но дека биле потребни уште неколку денови за да се соберат докази и да се уапсат. Во Србија веднаш по нападот беше прогласено црвено ниво на закана од тероризам, што ќе значи засилено присуство на полицијата на јавни места, како и на сите места на поголеми собири.

За време на викендот беше уапсен И.Д. од Белград поради сомнеж за терористичко здружување, и како администратор на повеќе интернет групи кои повикувале на џихад. Сомнежите се дека имал секојдневна комуникација со Жујовиќ.

Случувањата во Газа – причина за нападот?

Адвокатот и поранешен ко-министер за полиција Божо Прелевиќ претпоставува дека терористичкиот напад „има врска со она што се случува во Газа“. „Но секако е изненадување што во случајот се работи за домашни милитанти“, вели Прелевиќ.

– На државата и е познато постоењето на вехабии, и сега таа мора да реагира на повеќе начини. Најпрво да заземе став околу случувањата во Газа, но и да се испрати порака дека ранувањето на српски полицаец нема на било кој начин да влијае на судирот на Блискиот исток – вели тој.

Прелевиќ проценува дека нападот не бил особено добро испланиран, затоа што единствена мета бил српскиот полицаец, а не персоналот на амбасадата која, всушност, и не работи во сабота.

– Мислам дека тука имаме случај на слободен стрелец, и сега треба да се испитаат неговите контакти и каде бил обучуван за да го изведе ова. Но, имајќи ја на ум целата генеза на напаѓачот мене ова повеќе ми наликува на лична нестабилност – заклучува Прелевиќ.

Извор: Дојче веле/ Автор: Ивица Петровиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот