Тема – книжарници: Тој што чита никогаш не е сам

Светската пандемија која пред неполни две години буквално го парализираше светот, кој периодов полека се обидува да фати приклучок кон старата нормалност, им стави клуч на сите социјални активности. Кога се најдовме безнадежно затечени и присилени во безброј карантини, одеднаш се соочивме со слободно време, кое можевме да го пополниме со различни активности. Во таа кородирана празнотија, лишена од социјални, спортски и културни активности, луѓето почнаа поактивно да ги пополнуваат дупките, не само со популарните телевизиски мрежи и платформи за емитување серии и филмови, или готвење, туку, многумина утехата ја најдоа и во поинтензивно читање книги.

Новите концепти на книжарниците, како: Е-саем на книги, патувачки книжарници на тркала, онлајн-купување, постојано организирање попусти и поволности, како книгите би биле подостапни во услови на криза, многуте кампањи преку социјалните мрежи им го исполнија едноличното секојдневие на своите сограѓани со колку што е можно повеќе едукативни и забавни содржини. Од „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ велат дека книгите се најдобар пријател и придружник во секое време. Тој што чита, никогаш не е сам, дури ни во време на изолација. Според нив, ова се покажа како точно и во практика изминатава година, која донесе неизвесност и многу предизвици за сите.

– Нашата компанија брзо се приспособи на новонастанатата ситуација и одговори на барањата и потребите на своите читатели. Брзо се адаптира и продолжи со планираното темпо на објавување нови изданија. Постојано, организираме акции со попусти и поволности, со кои ги правиме книгите подостапни. Преку социјалните мрежи имавме повеќе кампањи сè со цел да го исполниме секојдневието на своите клиенти со колку што е можно повеќе едукативни и забавни содржини – ни кажа Александра Лукиќ-Камиловска, маркетинг-менаџерка во „Арс Ламина“ и „Литература.мк“.

Новоотворената книжарница на „Литература“ во Сити Мол Скопје

Изминатава година оваа книжарница бележи пораст на побарувачката на книгите за самопомош. Па, така, во 2020 година една од најбараните книги била светскиот бестселер „Е, баш ме заболе!“ од Марк Менсон.

– Од друга страна, среќни сме дека има голем интерес и за едицијата „Македонски книжевни класици“, во чии рамки реобјавивме повеќе култни дела од македонски писатели, како Петре М. Андреевски, Димитар Солев, Живко Чинго, Ѓорѓи Абаџиев и Гане Тодоровски. Едицијата сè уште се надградува, но луѓето сакаат да се навратат или првпат да ги прочитаат овие изданија што сега се со ново лице. Има интерес и за современи македонски дела, па така една од најпродаваните книги изминатата година е „Тито, мојот претпоследен херој“ од Зоран Спасов-Ѕоф. Голема е побарувачката и за изданијата за најмладите. Можеме да се пофалиме со голем избор на книги за деца, од домашни и етаблирани светски автори, како и со бројни едукативни изданија – истакнува Камиловска.

„Антолог“ – патувачка книжарница на тркала

Според искуството на книжарницата „Антолог“ во време на карантини и полициски часови, кога движењето е ограничено, постои повеќе време и интерес за читање. Тие велат дека доколку нешто тргна на подобро од тековната ситуација, тогаш тоа дефинитивно се навиките за читање кај луѓето.

– Нашата издавачка куќа, покрај одличната понуда на нови и атрактивни наслови, веќе втора година по ред го организира и Е-саемот на книги, чија цел е да биде своевидна замена на традиционалниот мајски Саем на книгата, кој и оваа година изостана во овој период што беше препознатлив за него. Благодарение на овој е-саем, забележуваме позитивни промени во однос на онлајн-купувањето, кое дефинитивно е во пораст во последнава година, а за оние што, сепак, преферираат да купуваат лично, креиравме еден сосема нов концепт – Книжарница на тркала, патувачка книжарница што ги носи книгите поблиску до читателите, каде и да се. Меѓу насловите што беа најбарани во последнава година ќе ги споменеме книжевните серии „Бастанската трилогија“ од Долорес Редондо и „Детската куќа“ од Исланѓанката Ирса Сигурдардотир, потоа новите книги за Херкул Поаро од Софи Хана, книгите за Шерлок Холмс од Артур Конан Дојл, книгите на Фредрик Бакман. Од ова е јасно дека акцентот е, пред сè, на преводната белетристика, но изненадува и фактот што во последно време одлично поминуваат и домашните автори (Владимир Јанковски, Жарко Кујунџиски, Анде Јанков, Денис Бојаров, Дијана Петрова) и нефикциската литература (меѓу кои, пред сè, „Пропаганда“ од Едвард Бернејс и „Последна станица Аушвиц“ од Еди де Винд), потоа популарната психологија, како и книгите за деца и за тинејџери – потенцира Кристина Дукоска, уредник во „Антолог“.

„Буква“ – нова кафе-книжарница во срцето на Скопје / Фотографија: Марко Костовски

Со оглед на тоа што кафе-книжарницата „Буква“ беше отворена за време на пандемијата, немаат можност за споредба – пред/потоа, но ги радува фактот што можат да сметаат на читатели, чиишто читачки навики и културни потребни се прилично константни.

– Среќни сме што забележуваме дека интересот за книгата не стивнува – како за актуелната преводна литература, така и за домашните автори, а своја публика имаат и филозофските книги, теориската литература, поезијата, графичките новели, стрипот, литературата за деца и разните илустрирани изданија. Она што очигледно на сите ни недостасува е можноста за непосреден контакт и дружење при промовирањето и претставувањето на изданијата, но одржувањето на таквите културни настани е условено од здравствената ситуација. Во периодот што следи, во „Буква“ ќе се одржуваат културни настани со придржување до ковид-протоколите. Се надеваме дека корона-кошмарот што поскоро ќе стане минато и ќе можеме да бидеме во слободна интеракција со нашите гости и читатели – се надева Иван Шопов, косопственик на „Буква“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 80, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 15-16 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот