„Таа е единствениот патриотски избор“: „Њујорк тајмс“ ја поддржа Камала Харис

Американската потпретседателка Камала Харис / Фото: EPA-EFE

Уредничкиот одбор на угледниот американски весник „Њујорк тајмс“ ја поддржа Камала Харис на претстојните претседателски избори, нарекувајќи ја „единствениот патриотски избор“ за претседател.

Во редакциски коментар, весникот наброја низа причини зошто не треба да се гласа за противкандидатот на Харис, Доналд Трамп.

„Тешко е да се замисли кандидат кој е понедостоен да ја извршува функцијата претседател на Соединетите Држави. Оваа недвосмислена, обесхрабрувачка вистина – Доналд Трамп не е соодветен за функцијата претседател – треба да биде доволна за секој гласач кој се грижи за здравјето на нашата земја и стабилноста на нашата демократија да го оневозможи реизборот“, се вели во текстот, потпишан од 14 новинари.

„Поради оваа причина, без оглед на политичките несогласувања што гласачите може да ги имаат со неа, Камала Харис е единствениот патриотски избор за претседател“, се додава.

Одлуката за поддршка на Харис не е изненадувачка. Редакцискиот одбор не одобрил републиканец за претседател уште од Двајт Ајзенхауер во 1956 година.

Во јули, десет дена пред претседателот Џо Бајден да се откаже од трката, уредничкиот одбор објави остра критика во пет дела за Трамп.

Весникот ја нарекува Харис „посветен јавен службеник“ кој е „повеќе од неопходна алтернатива“. Тврдат дека нејзините планови за економијата, здравството, надворешната политика и имиграцијата се причина да ја изберат на претседателските избори во ноември.

Признаваат дека некои од тие планови не се толку детални колку што би сакале гласачите, но повторуваат дека опасноста е многу поголема од вториот мандат на Трамп. Тие посочуваат дека Трамп најавил дека ќе ја искористи владата за да ги нападне своите политички непријатели.

„Ако американските гласачи не му се спротивстават, Трамп ќе има моќ да предизвика длабока и трајна штета на нашата демократија“, предвидува уредникот, заклучувајќи дека Камала Харис е „единствениот патриотски избор“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот