Суптилната иронија во драматиката на Мрожек ја носи книгата „Драмски дела“ во издание на „Перун Артис“

Насловна корица на книгата „Драмски дела“ од Славомир Мрожек

Неодамна од печат излезе книгата драми на познатиот полски драматичар и прозаист Славомир Мрожек под наслов „Драмски дела“ во издание на „Перун Артис“.

Она што најмногу плени кога го читаме Мрожек е неговиот горчлив хумор обвиткан во суптилната иронија, чиј апстракт е секогаш главниот двигател на неговите драмски дела. Целата негова драматика е собрана во тој ирониски механизам, создавајќи дијалог што реалитетот го прекршува низ огледалото на политичката и социјална алогичност и деструктивност.

Нам ни е препознатлив по неговите најзначајни драмски дела, како „Танго“, „Полицајци“, „Пеш“ итн., но во оваа книга се драмите од неговата последна фаза: „Преподобните“ и „Прекрасна глетка“ каде што тој се занимава со религијата и тероризмот, како теми што се најгорливи во дваесет и првиот век.

Напишани на самиот почеток на новиот век, и двете пиеси се занимаваат со аномалијата на човековата неукост и самодеструкција, и двете се полни со густи дијалози изговорени од комплексните ликови чие внатрешно страдање е големо, но и чија духовна дисторзија е рамна на цивилизациска катастрофа.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 242, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.8.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот