Судски совет за најавите на Мицкоски: Мешањето во судството носи опасност за демократијата

Судски совет / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Судскиот совет укажува дека судската власт како една од трите власти е самостојна и независна и секое мешање од другите власти може да биде опасно за демократијата и владеењето на правото, порачуваат од Советот по најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека нивна цел е да го распуштат овој состав на Советот и да направат реформа.

– Судскиот совет не се впушта во коментирање и оценка на предизборни програми и ветувања на која било политичка партија, затоа што тоа е крајно несоодветно. Единствено Судскиот совет укажува дека судската власт како една од трите власти, а не трета власт, е самостојна и независна. Овој факт не го користиме како флоскула и одбранбен механизам. Мора да биде јасно и сите да бидат свесни дека секое мешање во судството и генерално во судската власт на кој било од носителите на другите две власти, носи со себе сериозна опасност за едно демократско општество, правната сигурност и владеењето на правото како вредности, стандарди и врвни приоритети кон кои како држава се стремиме на патот кон ЕУ – изјавија од Судскиот совет за „Слободен печат“.

Свесни сме за состојбите во судството, додаваат оттаму, за нивото на доверба и за сето што како недостаток му се става на товар на судството.

– Критиките ги прифаќаме. Меѓутоа, исто така убедени сме дека судството во Република Северна Македонија има капацитет да ги надмине состојбите без реформи и резови за кои никој не може однапред да ги предвиди ефектите кои ќе бидат предизвикани. Реформи заради реформи никому не му се потребни и истите само ќе ги вратат неколку чекори назад процесите и активностите кои Судскиот совет ги превзема во овој период, финансирани и со поддршка на меѓународната заедница преку проекти, а во насока на подобрување на состојбите во судството и се во напредна фаза. Само тогаш кога политичарите кои доаѓаат и си заминуваат од власт, ќе сфатат дека судската власт е столбот кој останува и не е марионета, ниту инструмент за остварување на нечии интереси, граѓаните ќе добијат судство какво што заслужуваат – порачуваат од Судскиот совет.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и очекуван иден премиер Христијан Мицкоски вчера повтори дека нивна цел е да го распуштат овој совет, како и Советот на јавни обвинители.

– Главен предизвик ќе бидат реформите во Судски совет и Советот за јавни обвинители. Наша цел е да ги распуштиме овие кои довербата во правниот систем ја сведоа на едноцифрена бројка проценти, и наместо нив, самите судии и обвинители да си ги изберат своите претставници преку тајно гласање – рече вчера Мицкоски во неговото обраќање на Самитот Македонија 2025.

Тој потенцираше дека идната влада нема намера да поставува и да предлага свои луѓе преку измени во законот, ниту ќе се меша во работата на овие две тела. Најави и дека судската власт ќе има независен буџет.

– Наша обврска ќе биде да обезбедиме независен буџет, врзан со проценти од централниот буџет, за да бидат целосно автономни, за да не бидат потоа политичарите изговор на некој од тие корумпирани поединци во судство и обвинителство дека тие им правеле притисок. Сами да се изберат и сами да функционираат, а ние ќе правиме оверсајт на таа работа преку собраниска комисија во која ќе има претставници и на власта и на опозицијата – истакна Мицкоски.

Тој додаде дека целта е комплетна автономија во правниот систем, а ако забележат влијание од поранешни политички елити или други точки на влијание ќе има сериозна кривична одговорност.

Во предизборната програна ВМРО-ДПМНЕ најави во нова законска рамка во согласност со највисоките европски стандарди, односно нов кривичен законик и нови закони за кривична постапка, за јавно обвинителство, за судови за Судски совет, за Совет на јавни обвинители.

„Акумулираните системски девијации од законската рамка и недостатокот на добра судска практика ги направи Судскиот совет и судиите ранливи од надворешни влијанија и заплашувања. Сегашниот состав на Судскиот совет го има изгубено кредибилитетот и затоа ќе биде распуштен. Со законски измени ќе утврдиме строги и објективно мерливи критериуми кои треба да ги исполнат новите членови, избрани на предлог на Собранието и на Претседателот на државата. Постапката ќе биде транспарентна и јавна, со што ќе се гарантира интегритетот и квалитетот на избраните кандидати. Од предложените кандидати ќе се бара да имаат програма за работа со точно утврдени индикатори за успешност. Во врска со внатрешните процедури за одлучување во Судскиот совет, ќе утврдиме јасно дефинирана постапка за избор и разрешување на претседателот на Судскиот совет, задолжително образложение на донесените одлуки на Судскиот совет, како и зголемена транспарентност во одлучувањето, со присуство на јавноста и медиумите. При процесот на законска реформа на Судскиот совет ќе ги земеме предвид сите препораки од Европска Унија и добрите практики на Европската мрежа на судски совети“, стои во програмана на ВМРО-ДПМНЕ.

Судскиот совет во минатата година беше средиште на скандали кога дел од членовите нелегитимно ја сменија претседателката Весна Дамева, која, пак, со тужба до Управниот суд ја докажа нелегитимноста на таа постапка и се врати на чело на Советот. Смената на Дамева предизвика Холандија да го прекине повеќегодишниот проект со Советот, а по нејзиното враќање, соработката продолжи. Скандалот предизвика повици од министерот за правда Кренар Лога да се распушти Советот. Исто така и повеќе експерти во областа ги повикуваа сите членови да си дадат оставки, но тоа го стоија само двајца судии. Заради смената на Дамева во Советот беше спроведена Оценска мисија од ЕУ, која даде свои препораки како да се подобри работата на Советот, а во Министерството за правда работна група повеќе месеци работи на нов закон за судски совет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот