Судиите ретко изрекуваат алтернативни мерки, општ впечаток е дека условно осудените останале неказнети

Презентација на документот „Мониторинг на спроведување на стратегијата за развој на пробациска служба во Република Северна Македонија (2021-2025)“- период на следење 2023 година/Фото: Слободен печат

Новиот директор на Управата за извршување на санкции Александар Пандов кој вчера беше именуван поради примопредавањето на функцијата не присуствуваше на денешната презентација на презентација на резултатите од мониторингот на спроведување на стратегијата за развој на пробациска служба  за периодот 2021-2025.

Професори, правници, судии, обвинители и претставници на невладиниот сектор дебатираа за пробацијата  и за алтернативните мерки наместо затворска казна за сторителите на полесни кривични дела со кои од една страна се намалува пренатрупаноста во затворите, а од друга и рецидивизмот – повторување на кривичното дело. Но иако пробацијата како институт постои од 2018 година, судиите го користат, а судијката Билјана Коцевска од Основниот кривичен суд Скопје објаснува и зошто:

-Од 2019 навака речиси и да немам условна осуда без заштитен надзор затоа што сметам дека на тој начин сите ние од правосудството ќе го зголемиме впечатотокот кај јавноста дека условно осудените останале неказнети. Основна причина зошто е таков впечатокот, кој можеби е некако и оправдан е што немаме процесна одредба за отповикување на условната осуда како таква доколку лицето во рокот на проверка стори некакво друго кривично дело. Во Законот за кривична постапка имаме одредби за отповикување на условната осуда само кога имаме одреден услов со некаков надомест на штета или пак обврска којашто треба да ја изврши осуденото лице во времето на проверка, а тоа е во делот на обврските од заштитниот надзор, вели судијката Коцевска.

Таа додава дека овој институт досега се покажал многу добар кога има сторители кои кривичните дела ги вршат како резултат на тоа што биле корисници на наркотици и друго, особено за тешките кражби и семејно насилство  итн.

-Доколку ние успееме да му помогнеме на тој сторител, во смисла на Законот за пробација и обврските коишто се предвидени во Кривичниот законик за заштитен надзор и да му се најде работа или да оди на лекување итн. во тој случај повеќе може да влијаеме и на специјалната и на генералната превенција и во иднина тие сторители да не се јавуваат како сторители на нови кривични дела, вели Коцевска.

Невладиниот сектор кој се занимава со пенолошкиот систем очекува добра соработка со новиот директор на Управата за извршување на санкции и решавањето на проблемите со пренатрпаноста на затворите, програмите за ресоцијализиаци и реинтеграција на осудените лица како и со пробацијата.

-Основната цел на пробацијата е на некој начин да го спречи и рецидивизмот во Македонија којшто е исклучително голем и главно се темели на фактот дека судиите многу ретко изрекуваат алтернативни мерки. Судиите треба да изрекуваат и алтернативна мерка, а не веднаш казна затвор. Пренатрупаноста е проблем со години наназад, не може да се најде решение од проста причина што државата превенствено не вложува доволно пари за сместувачките услови. Значи во такви услови мора да се размислува на други начини како да се справиме во прв ред со рецидивизмот како тие луѓе што излегле од затвор како понатаму да ги насочиме да бидат активни и корисни членови на заедницата. Очекувам новиот директор ќе покаже професионализам и сериозност имајќи ја во предвид важноста од соработката со граѓанскиот сектор бидејќи многу малку граѓански здруженија се занимаваат со ова прашање, а казнено поправниот систем во Македонија е едно од најгорливите прашања, рече Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

-Овој проект овозможи соработка меѓу владата и невладиниот сектор, стручната јавност, судии, секторот за пробација, здруженија кои даваат директни услуги за осудените, со Завод за социјални дејности кој сака да ги вклучи во социјално загрозени лица и да им се обрне поголемо внимание за да се намали рецидивизам. Добро е што е вклучен навладиниот сектор и нашите препоари за подобрување на условите во КПУ ги поднесуваме до владата и се надевам дека тие ќе бидат земени во предвид, вели Ирена Здравковска од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) кое заедно со Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското пенолошко друштво и граѓанското здружение Избор од Струмица работи на заеднички проект за пробација.

Според статистиката најголем број условни осуди со заштитен надзор изрекува Основниот кривичен суд Скопје што пак не е случај со другите судови во државата, па стручната фела смета дека потребна е поголема промоција на овој институт и кај јавноста и пред се кај правосудните органи, судиите и обвинителите.

-Во овој склоп на институот пробација спаѓа и условниот отпуст за што лично сметам дека сите ние како судии се охрабриме да даваме поголеми условни отпусти. Ма пример кога лицето издржува казна затвор од 7 или 10 години, условниот отпуст би можел да биде година ипол или две и на тој начин би можеле да влијаеме и на намалувањето на затворската попилоација, а од друга страна и на интегрирање на осудените лица после 7 или 10-годишна затворска казна да можат да се интегрираат во општеството, од причина што тие кога ќе излезат прво се шиканирани од семејството, од околината, не можат да најдат работа, а една од обврските на условната осуда со заштитен надзор односно условен отпуст со заштитен надзор е пробациските службеници да помогнат да се најде работа и во оваа насока има простор за многу поголемо унапредување и подобрување и на Управата за извршување на санкции со склучување на договори со агенцијата за вработутвање, со невладиниот сектор особено во насока на задолжителното лекување во институции итн, Праксата покажува дека голем број од затворениците кога ќе излезат од затвор не можат да најдат работа, не можат да се снајдат во општеството и она што најдобро го прават, повторно се враќаат на криминалот и во некоја своја, условно кажано природна средина, вели судијката Коцевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот