Студентските станови во Германија станаа значително поскапи

Станбена зграда во Берлин/ Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Студентите кои бараат стан или соба мора да сметаат на повисоки трошоци за кирија, според новата студија на Институтот за германска економија. Студентските станови и соби во таканаречените станбени заедници од лани поскапеле за 5,1 отсто, пишува ДПА.

Анализата на кириите во 38 германски универзитетски градови покажува скок на цените насекаде, освен во Хајделберг. Најмногу поскапеле становите во Берлин и Лајпциг, за 9,4 и 9,3 отсто.

Репер за општа споредба е цената на стан од 30 квадрати без мебел и други трошоци во близина на некоја високообразовна институција.

Ваков стан најмногу чини во Минхен, со 807 евра, потоа следуваат Берлин со 678 и Франкфурт и Штутгарт со 674 евра. Најевтини се студентските станови во Хемница и Магдебург, со 263 и 333 евра.

Слично е и со соби од 20 квадрати во станови кои заеднички ги издаваат неколку студенти. Повторно најскап е Минхен со 588 евра, пред Констанц, Хамбург и Франкфурт со 558, 542 и 535 евра.

Движењето на цената на студентските станови ја отсликува општата слика на пазарот. Многумина се откажаа од градење сопствен дом под налетот на поскапувањата и инфлацијата во последните две или три години.

Ова го зголеми притисокот врз пазарот на имот за изнајмување, па дури и се прелеа во типично студентски станови. Во 29 од 38 градови од анализата, недостигот на понудени станови се влоши, а тоа ја зголеми цената.

Институтот предупредува дека недостигот на станови е уште еден фактор за влошување на кризата на работната сила во домашната економија и кочница за економскиот раст.

„Странците ќе имаат помала веројатност да дојдат во Германија ако немаат шанса да најдат стан“, напиша експертот за недвижнини на Институтот за германска економија, Мајкл Фоигтлендер, во предговорот на студијата.

Во финалната пресметка тоа може да влијае на економскиот раст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот