Странски инвеститори од нашиот ветер ќе произведуваат струја за 100.000 домаќинства

Ветерници/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Инвестицијата би требало да обезбеди 20 отсто од потребната електрична енергија за нашата земја. Но, дали инвеститорот ќе биде обврзан да ја испорачува енергијата кај нас и колку ќе плати за закуп на земјиштето?

Новата влада на вториот работен ден помпезно ја прослави најавата за големата инвестиција – ветерен парк што ќе го гради инвестицискиот фонд „Алказар енерџи партнерс“, кој е фокусиран на обновливите извори на енергија. Ветерниот парк ќе се состои од 55 ветерници, лоцирани меѓу 3 општини – Карбинци, Радовиш и Штип, каде што докажано има силни струења, погодни за производство на електрична енергија од ветер. Странскиот инвеститор најави инвестиција од повеќе од 500 милиони долари што ќе му овозможи да го користи нашиот ветер и да произведува струја за околу 100.000 домаќинства. Но, засега не беа презентирани детали дали тој ќе биде обврзан да ја продава струјата на македонскиот пазар. Описно, за да се прикаже капацитетот на ветерниците, беше кажано дека по својот капацитет за производство на струја, овој ветерен парк ќе биде како две скопски компании ТЕ-ТО, која исто така е во приватна сопственост.

Вчерашната прослава за најавената инвестиција беше доказ дека постои договор таа да се реализира, но финансиското затворање на целата операција и добивањето на потребните дозволи, се очекува да заврши во 2025 и изградбата да почне на почетокот на 2026 година.

– Самата изградба треба да трае 24 месеци, но по 18, или 20 месеци, некаде во втората половина на 2027 година треба да ги видиме првите електрони во мрежата – рече Даниел Калдерон, соосновач и генерален директор на „Алказар енерџи“.

Тој не прецизираше како ќе го користат земјиштето каде што ќе се градат ветерниците, дали ќе го купуваат, или изнајмуваат, но рече дека вообичаено станува збор за закуп и дека се плаќа на локалните заедници за целиот животен век на електраната, кој најчесто е 20 до 30 години.

– Бенефициите од проектот се: странски директни инвестиции, затоа што ова се свежи пари, потоа вработувања – ќе ги има 630 додека се градат ветерниците и потоа 200 во текот на работата на електраните. Потоа, намалување на трошоците за електрична енергија затоа што ветерната енергија е поевтина од енергијата произведена од јаглен и од гас. Во 2026 година во Европа се воведува данок на јаглерод, така што колку повеќе користиме ветерна, сончева и хидро енергија, толку помалку данок ќе плаќаме – изјави Калдерон.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски потенцираше дека овој проект не само што е значаен за Македонија, туку и за целиот регион.

– Пред нас е најголемата инвестиција во обновливи извори на енергија што сме ја имале. Со оваа инвестиција почнува да се остварува владината политика за креирање енергетска независност за Македонија. Со различни инвестиции во областа на енергетиката ќе успееме Македонија да произведува струја за потребите на своите граѓани, а сето тоа што ќе се произведе плус, поради доброто мрежно поврзување, може да се продава на нашите соседи. Паркот на ветерници во југоисточна Македонија ќе го зголеми за петпати потенцијалот на Македонија во делот на обновливи извори на енергија. Реонот каде што треба да се гради паркот ќе биде значаен и за развој на самиот регион. Ова инвестиција покажува колку работевме како опозиција, а уште повеќе ќе работиме како влада – изјави Мицкоски.

На настанот присуствуваше и Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини. Таа рече дека како нова министерка, во ново министерство за нашата земја, чест ѝ е што работата ја почнува со најава на ваква импресивна инвестиција.

– Ова импресивна инвестиција ќе обезбеди 20 отсто од вкупните потреби за електрична енергија на нашата земја. Ова е многу важен проект во зелената енергија, во нашата транзиција кон обновливите извори. Енергетската криза покажа колку е важна енергетската независност. Во тој период, за увоз на скапата струја и за субвенции за домаќинствата се потрошени 400 милиони евра – потсети Божиновска.

На проектот се работело од 2008 година

 

Како одговор на новинарско прашање, генералниот директор на „Алказар енерџи“ Даниел Калдерон потврди дека за ветерниците разговорите почнале уште во 2008 година, а дека локалниот партнер од македонска страна бил бизнисменот Стефан Пулејковски.

– Секогаш кога работиме во земји како што е Македонија, Црна Гора, Египет и така натаму… имаме локален партнер. Најчесто локалниот партнер има одработено голем дел од подготовките, затоа што треба да се анализира земјиштето, треба да се анализира контекстот, да се види какви технологии треба да се применат. Во право сте, Стефан ги работеше тие работи и сега „Алказар енерџи“ доаѓа во момент кога гледаме дека имаме отворен политички прозорец, поволен економски контекст, трошоците за технологијата се поволни за да може да се реализира сето ова на добар начин – рече Калдерон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот