Странците им го јадат лебот на нашите градежници, реализирани само 4 отсто од капиталните проекти!

Градежници на скеле на 40 степени - фото: ''Слободен печат'' / Методиј Здравев

Од 19 капитални државни проекти, шест се во застој, на четири проекти им се раскинати договорите, а за три проекти се води арбитража за кои се бара отштета од државата над 45 милиони евра, посочија од Здружението за градежништво при СКСМ

Од 19 капитални државни проекти, шест се во застој, на четири проекти им се раскинати договорите, а за три проекти се води арбитража за кои се бара отштета од државата над 45 милиони евра. Она што ги поврзува овие проекти е дека ги работат странски фирми, кои најчесто прават повеќе проблеми, отколку што професионално ја завршуваат работа. Официјалните податоци што ги изнесе Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија, покажуваат дека 96 отсто од реализацијата на капиталните проекти е препуштена на странски компании, а само четири отсто ги реализирале домашни градежни фирми.

Претседателот на градежниот Синдикат, Иван Пешевски, неодамна за „Слободен печат“ откри дека според ЕУ-директивите и меѓународните конвенции што ги имаме ратификувано, Македонија е обврзана во јавните набавки – 51 отсто да бидат домашни компании, односно домашни ресурси, меѓутоа од информациите што се достапни во јавноста, особено во најголемиот инфраструктурен проект за Коридорите 8 и 10Д, нема ни 30 отсто од домашната работна сила или домашните ресурси.

– Како може да очекуваме дека ќе имаме напредок и во домашната економија или во подигнување на БДП ако не им дадеме можност на домашните градежници, бидејќи така се стекнуваат и меѓународни референци за учество на странски тендери. Имаме и ресурси и работници, ама треба да се платат – вели Пешевски.

Нелојалната конкуренција при јавните набавки и работата на странски градежни компании на стратешки проекти се дел од причините зошто домашните градежна оператива нема работа на домашна почва, сметаат градежниците.

– За задржување на висококвалификуваните градежници, потребно е да ни се обезбеди работа на големи проекти, каде што можеме да ја примениме својата експертиза и да стекнеме доволно искуство за да станеме конкурентни и квалитетни. Нашето искуство ни покажува дека нивото на знаење и квалификации на нашите градежници не е пониско од странските – додава претседателот на Здружението за градежништво.

Во последно време градежништвото стагнира, фирмите се оставени сами на себе и сè повеќе се соочуваат со недостиг на квалификуван и професионален кадар.

– Градежништвото во 2013 година учествуваше со 7,1 отсто во креирањето на БДП, а со жалост констатираме дека во 2023-та учествува само со 5,5 отсто. Човечките ресурси континуирано се намалуваат. Се соочуваме со одлив на кадар, а алармантна е и состојбата на Градежниот факултет каде што со години се запишуваат помалку од 100 студенти годишно – посочи Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво.

Серафимовски го повтори ставот дека им се потребни еднакви пазарни услови, со предност за домашните компании. Овие барања и формално ќе бидат поднесени и до новата власт. Меѓу другото се инсистира на итни измени во Законот за градба, бидејќи актуелниот им создава технички и административни пречки. Дополнително, градежниците сметаат дека треба да се промени и Законот за јавни набавки, односно да имаат свој член во Комисијата за желби во областа на градежништвото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот