Сто дена Влада: Сто дена газење по тенок мраз

Влада на Димитар Ковачевски
Избор на владата на Димитар Ковачевски/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Оцените на аналитичарите се спротивставени – за едни актуелната Влада имала повеќе лоша среќа од претходните оти мора да се справува со повеќе кризни состојби, но други сметаат дека земјава е доведена во уште полоша ситуација отколку пред 2017 година.

Сто дена предизвици од здравствена, енергетска, економска и воена криза во кои клучна цел беше да се задржи стандардот на граѓаните. Напорно ќе биде и натаму, бидејќи кризата е сè  уште присутна, но со јасен план и мерки Македонија ќе излезе како победник од овие предизвици. Ова е оценката на премиерот Димитар Ковачевски што ја искажа на отворената владина седница посветена на стоте дена од формирањето на овој состав на Владата. Министрите не побараа збор за да го дополнат излагањето на Ковачевски, туку со аплауз го поздравија говорот на премиерот за сработеното во првите три месеци.

Политичките аналитичари, пак, се со поделени мислења за првите 100 дена на новата влада. Оцените се дека е реална оцената на Ковачевски, бидејќи актуелната Влада имала повеќе лоша среќа од претходните оти мора да се справува со повеќе кризни состојби, но некои сметаат дека земјава е доведена во уште полоша ситуација отколку пред 2017 година.

Ковачевски: Напорно ќе биде и натаму, кризата е сè уште присутна

– Обезбедивме непречена исплата на сите обврски на буџетот, зголемени приходи, поддршка на инвестициите, на земјоделството, сè она што една Влада треба да го прави за своите граѓани во време на криза. Напорно ќе биде и понатаму, бидејќи кризата е сè уште присутна, но со јасен план и со јасни мерки што ги спроведуваме и низ дијалог со сите чинители на општеството, сигурно дека Република Северна Македонија ќе излезе како победник од овие предизвици – рече Ковачевски.

Премиерот потенцира дека клучен прв приоритет е справување со енергетската криза која добила дополнително загрижувачки димензии со војната во Украина. Приоритет се и заштита на животниот стандард на граѓаните и поддршка на компаниите во насока на економската криза, која произлегува од енергетската и воената криза. Наша стратешка цел се реализација на големите инфраструктурни проекти, но и евроинтеграцијата, рече премиерот.

Во однос на евроинтеграцијата, Ковачевски појасни дека проширувањето на Европската Унија ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја консолидира демократијата и затоа на сите форуми и средби со нашите меѓународни сојузници и партнери истакнуваат дека за Северна Македонија е од исклучителна важност отпочнувањето на преговори за пристапување во ЕУ, без одложување.

– Со нашите партнери во ЕУ се усогласивме дека проширувањето со Западен Балкан, како никогаш досега, е геостратешко прашање, а овој став го делат членките на ЕУ – рече Ковачевски.

Тој потсети дека одговорно се фокусирал на формирање и на хармонизирање на новиот тим за да ги подготви и спроведе најсоодветните одговори на сериозните предивизи што нè  очекуваат. Побара од министрите ефикасно, чесно и одговорно владеење.

Божиновски:  Ако се прашаме до каде сме, јас мислам – до никаде!

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека е рано да се излезе со констатација за сработеното во првите 100 дена.

– Точна е констатацијата на Ковачевски за 100 дена предизвици. Владата имаше повеќе лоша среќа од претходните, бидејќи во првите сто дена владеење се соочи со пандемијата, со воена, енергетска, инфлациска и економска криза. Речиси сите влади, па и нашата, и немаа некој избор, па продолжија да субвенционираат или да истураат пари во потрошувачката за да го амортизираат ценовниот удар, и тоа го покриваат со задолжување. Најголем предизвик на Владата по надминувањето на кризите е да биде подготвена да постави систем да се врати во нормално функционирање и парите што ги позајмува паметно да ги искористи. Втор предизвик е Владата да ги почне пристапните преговори со ЕУ и трет, борба за владеење на правото и сузбивање на ендемската корупција – смета Арсовски.

Наспроти него, аналитичарот Владимир Божиновски смета дека владата на Ковачевски, која и не е нова, не само што нема успеси, туку земјава економски е вратена назад, а ситуацијата со евроинтеграциите е уште полоша, бидејќи сега ни се заканува бугарско вето.

– Тоа е истата Влада, само со нов премиер. Нова влада е кога ќе се смени власта. Генерално, ако ги земеме основните заложби на Владата од 2017 година, а тоа се ЕУ и НАТО, да потсетам, НАТО го сменивме името, и ако се прашаме до каде сме, јас мислам – до никаде. Дури сме во полоша позиција, бидејќи за почеток на преговорите со ЕУ се соочуваме со бугарско вето. Можен е таен договор со Бугарија, за кој ни граѓаните, ни Собранието немаат информации. И во борбата против корупцијата и криминалот која им беше главна заложба сме до никаде, односно сме во полоша позиција од 2015 година кога беше Шарената револуција. Има големи скандали како тие за Катица Јанева, Боки 13 и двајцата генерални секретари. Според анкетите, довербата во судството е катастрофална. Македонија е позадолжена во споредба со 2016 година кога СДСМ излегуваше со апокалиптични сценарија. Нема инвестиции, економијата е на колена и живееме од задолжувања. Се обидувам да најдам нешто позитивно, но не гледам – вели Божиновски.

Незадоволни и помалите владини партнери

Незадоволни од првите 100 дена владеење се и дел од помалите владини партнери на Ковачевски, како Демокрфатскиот сојуз (ДС) и ВМРО-Народна бидејќи, иако начелно било договорено, бавно оди реализацијата на ветувањето за Македонија како една изборна единица. Иако првично најавуваа дека по првите 100 дена ќе ја преиспитаат својата поддршка на Владата, што би значело предвремени парламентарни избори, сега тие на Ковачевски му даваат нови 120 дена, односно до септември, во спротивно ќе има предвремени избори.

– Во првите 100 дена Владата гаснеше пожари предизвикани од пандемијата, енергетската и економската криза и од војната во Украина. Генерално, СДСМ малку води сметка за приоритетите на помалите владини партнери. Има разијдувања и за кадровските политики кои ги води СДСМ. Ако до септември не функционира соработката со Владата и не бидат исполнети нашите приоритети и ако и натаму се одолговлекува со прашањето за една изборна единица ќе ја преиспитаме поддршката за Владата и ќе одиме на избори – вели Павле Трајанов од ДС.

Љупчо Балковски од ВМРО-НП не е уверен дека Владата има волја да се воведе една изборна единица.

– Нема политичка волја кај СДСМ за една изборна единица. Ако нема никаков напредок, потписниците на предлогот треба да се договориме до кога, како и дали и натаму треба да ја поддржуваме Владата. Треба да допрецизираме рок до кога ќе чекаме – ни изјави Балковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот