Стихозбирката „Модра мрежа“ од Марина Икономова Шокева ќе има промоција во „Буква“

Плакат за настанот во „Буква“

Промоцијата на стихозбирката „Модра мрежа“ од Марина Икономова Шокева, издание на „ПНВ Публикации“, ќе се одржи на 27 септември (петок), од 19:30 часот, во кафе-книжарницата „Буква“. Промотор ќе биде Снежана Стојчевска, којашто ќе чита и стихови заедно со авторката и со Д. А. Лори. На промоцијата ќе биде претставена и видеопоезија според стиховите на Шокева, дело на Дамјан Шокев.

– „Модра мрежа“ е интроспекција на душевните доживувања пренесени преку два спротивставени поетски јазика, натурална наспрема урбана поезија, метафорите наспрема директните поетски слики од секојдневното живеење – истакнува рецензентката Снежана Стојчевска.

Додека, пак, Јулијана Величковска напиша: „Песни за оние што во животот се прпелкаат со зината уста, обидувајќи се да ја вдишат или да ја вкусат, барем за миг, слободата што секогаш се чини толку блиску, речиси на дофат, но едновремено недостижна и далечна, заради сите невидливи мрежи што ни ги сплела судбината и заради кои и во сопственото (женско) тело ни е особено тесно.“

Марина Икономова Шокева (Охрид, 1966) дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Авторка е на стихозбирките: „Слики од бунарот“ (2017, „Ѓурѓа“), „Директни обраќања“ (2019, „ПНВ Публикации“), „Светот и јас“ (2021, „ПНВ Публикации“) и „Модра мрежа“ (2024, „ПНВ Публикации“). Нејзини песни се објавени во неколку поетски алманаси и литературни печатени и електронски списанија во Македонија, во Србија, во Босна и Херцеговина и во Црна Гора, а на англиски јазик, нејзина песна е објавена на страницата на фестивалот „Ледбери поетри фестивал“.

Застапена е и во „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ (2023, „Поетска ноќ во Велестово“). Во 2019 г. на онлајн натпреварувањето во Италија „Quando e la vita ad invitare“, добила втора награда во странската конкуренција. Истата година добитник е и на специјалната награда „Антево слово“ во Сицилија, Италија. Учествувала на поетски читања во земјава и во регионот. Таа е еден од уредниците на списанието за култура, литература и други уметности „(е)Лит“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот