Стихозбирката „Грозје од кукавица“ од Славе Ѓорѓо Димоски воспоставува однос помеѓу политиканството и поезијата

Покана за промоцијата на стихозбирката „Грозје од кукавица“

Најновата стихозбирка „Грозје од кукавица“ од поетот Славе Ѓорѓо Димоски од Велестово ќе биде промовирана на 27 јуни, од 19 часот, во кафе и бар „Шила“ во Охрид. Промотор на книгата ќе биде Јулијана Величковска од „ПНВ Публикации“.

Книгата „Грозје од кукавица“ излезе во издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје и претставува завршен дел од трилогијата со неоангажирана (терминот е од авторот) поезија (другите две книги се „Извештаи на Рисот“, 2016 г., и „Јазик и леб“, 2019 г.), бидејќи во однос на класичната ангажирана поезија, која често е и патетична, овде се пародираат општочовечки и национални теми, како стравот, сомнежот, свеста дека е изгубена секоја надеж, химната, најпознатата реченица на Делчев, дека владее логиката на интересот, а не логиката на моралните вредности итн.

Во книгата се воспоставува однос помеѓу политиканството (бидејќи кај нас нема политика) кое шири разочарувачки дехуманизирани сигнали и поезијата, која е нешто последно што може да ја спаси чистата човечка свест.

Славе Ѓорѓо Димоски (1959, Велестово, Охрид) завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Основач е и претседател на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, бил претседател на Управниот одбор на Национална установа Струшки вечери на поезијата. Член е на ДПМ, на македонскиот ПЕН центар и на академијата „Анте Поповски“.

Автор е на деветнаесет стихозбирки, на шест книги за деца, на повеќе книги есеи и активно препејува. Негови поединечни песни и поетски циклуси се преведени на над триесетина јазици, а 19 одделни книги му се преведени на англиски, руски, српски, турски, шведски, хрватски, полски, азерски, бугарски и други јазици.

Наградуван е со повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“, „Антево перо“, „Григор Прличев“ за најдобра поема, Гран-при „Исток-запад“ (Романија), „Сергеј Есенин“ (Русија) и други, а застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот