Средба со Катерина Шекутковска во кафе-книжарницата „Илика“: Простор што ќе ги прегрне оние што сакаат да му припаднат

Катерина Шекутковска, основачка на издавачката куќа и кафе-книжарница „Илика“

Мала и многу симпатична кафе-книжарница со необично име „Илика“ на 27 јануари беше отворена во Скопје и за да ги откриеме визијата и плановите за работа, се сретнавме со Катерина Шекутковска.

Нова книжевна оаза во срцето на Скопје (во приземјето на кула од Градски ѕид на Бул. „Партизански одреди“ број 7) е кафе-книжарницата „Илика“. Само што ќе влезете внатре ќе ве облеат пријатен амбиент, срдечен прием и искрени насмевки. Топли препораки за избрани книжевни наслови, секако, ќе добиете, но и кафе или чај по сопствен избор.

Покрај изданијата на издавачката куќа „Илика“, таму ќе најдете и одбрани изданија на издавачките куќи „Артконект“, „Темплум“, „Полица“, „Антолог“, „Бегемот“, „Сигмапрес“, „Бункер“, „ПНВ Публикации“, „Сказнувалка“, „Или-или“, „Слово“, „Флип бук букс“ и „Контрапункт“.

Со Катерина Шекутковска сум се запознал како со преведувачка од германски јазик, во меѓувреме станала и магистер по германска книжевност, а сега е и основачка на издавачката куќа и кафе-книжарница „Илика“. Разговорот за „Илика“ го почнавме од значењето на ова специфично име.

Книжарницата „Илика“, пред сѐ, се ориентира кон афирмирање на изданијата од помалите издавачки куќи

Со каква визија ја отворивте „Илика“ и што значи името на книжарницата?

– „Порабено дупче на облеката во коешто влегува петлицата“ е значењето на звучното, а сепак нежно име на кафе-книжарницата и издавачката куќа „Илика“, збор што во македонскиот сме го презеле од турскиот јазик. Ми се допадна бидејќи лесно може да се поврзе со функцијата на јазикот, книжевноста и градењето значења, но и со создавањето на простор кој ќе ги прегрне оние кои сакаат да му припаднат.

Кафе-книжарницата ја отворивме токму за да придонесеме кон медијацијата на јазикот и книжевноста преку специфичен концепт на контекстуализација и афирмација кој е типичен за работата на малите алтернативни книжарници. Сакаме да ги истакнеме оние книги што вообичаено не се видливи на полиците во други книжарници.

Со која екипа и соработници влеговте во овој книжарски потфат?

– Идејата за „Илика“ се роди преку долгогодишната желба за поблиска соработка помеѓу мене и Ацо Пероски од издавачката куќа „Артконект“. Но, бројот на соработници кои се вклучени во оваа нова издавачка и книжарска приказна постојано расте.

Во книжарницата денес ќе ве пречекаме јас и Марија Велинова, додека во издаваштвото имаме среќа да соработуваме со преведувачи, уредници и дизајнери што посветено работат на нашите нови изданија.

Каков е планот околу соработката со другите издавачки куќи?

– Кафе-книжарницата „Илика“, пред сѐ, се ориентира кон афирмирање на изданијата од помалите издавачки куќи, особено од оние кои немаат свои матични книжарници. Засега сум воодушевена од отвореноста за соработка и се надевам дека овој дијалог ќе успееме да го одржиме и во иднина. Може заедно ќе успееме да ги намамиме читателите повторно почесто да навраќаат во малите книжарници.

Веќе подготвивте тематска програма за февруари. Какви активности носи програмата?

– Темата за февруари е „Ајде да летаме!“, а во изборот на книги на месецот имаме два наслова од македонски автори: сликовницата на Јулијана Величковска „Ведра“ и научнофантастичниот роман „Издигнување“ на Игор Раиден.

Покрај кратките интервјуа со овие автори, во февруари планираме да започнеме и со нашиот месечен читателски кружок во чиишто рамки ќе се зборува за една од книгите на месецот. Дополнителни информации ќе бидат навремено објавени преку нашите социјални медиуми.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 216, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4.2.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот