Срцето е мал, но моќен орган и центар на животот – да се грижиме за него, порачаа кардиолозите на Светскиот ден на срцето

Кардиологија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Македонското здружение за кардиологија и Клиниката за кардиологија по повод Светскиот ден на срцето промовираше потпишување на првата национална петиција за подобро кардиоваскуларно здравје.

Примариус доктор Беким Поцеста по повод настанот истакна дека е за потенцирање колку животи ќе бидат спасени ако сите заеднички и медицинската заедница, пациентите и јавноста се вклучат во борбата за подобро здравје на населението. Според Поцеста, сите препораки за лекување, го упатуваат и пациентот да биде дел од грижата за своето здравје.

-Ние кардиолозите не ги гледаме пациентите само како пасивни приматели на нашите здравствени услуги туку како активни учесници и наши партнери во унапредувањето на лекувањето. Срцето е мал но многу моќен орган и центар на животот. Тоа неуморно работи но и ние треба да се грижиме за здравјето на срцето. А тоа не бара многу. Бара 150 минути умерена физичка активност неделно, регулирање на исхраната, шеќерот и маснотиите во крвта, крвниот притисок, исфрлање на никотинот и намалување на внесот на алкохол. И професионалната заедница и пациентите и јавноста може да имаат улога во позитивна насока истакна доктор Поцеста. 

На настанот во амфитеатарот на Клиниката за кардиологија, пациенти изразија задовоство од нивниот успешен третман на Клиниката и изразија задоволство што нормално функционираат и ги надминале здравствените потешкотии поврзани со срцето.

На 38 годишна возраст добив дијагноза дека сум така родена, со ВПВ синдром. За мене имаше решение и изведена ми е интервенција од тимот електрофизиолози кај доктор Јанев и сега го живеам животот без ограничувања и без последици, рече една присутна пациентка. 

Друг пациент истакна дека имал тешка операција но сега функционира нормално.

-Изразувам голема благодарност за докторите Талевски, Поцеста и Пејков. Операцијата беше тешка, ама еве сум жив. Сега пешачам, а претходно не можев да функционирам бидејќи пулсот ми беше 200, истакна друг пациент.

На настанот се обрати и претставник на Здружението за нутриционисти и диететичари „Нутри баланс“ од каде посочија дека храната има голема улога во превенцијата на разни состојби и болести заедно со физипчката активност.

Доктор Јорго Костов посочи дека раното доаѓање на лекар е многу важно за здравјето на срцето, бидејќи чекањето може да биде фатално. Според него, пациентите се порано доаѓаат на преглед, веднаш штом им се појават симптоми.

-Зголемена е свесноста кај пациентите, но возраста се намалува поради темпото на живот и стресот како најголем фактор. Улога има и фамилијарната оптовареност. На пример за акутен миокардит, порано пред 20 години не беше толку видливо да имате пациенти со таа состојба на 30 години. Треба да се прави баланс во работите врз кои можеме да влијаеме, како на пример, да се престане со пушењето цигари и да се намали изложеноста на стрес посочи доктор Костов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот