Совети од Клиника „Жан Митрев“: Доцен развој на говорот кај децата – дијагностика и дилеми

Фото: Промо

Стравот на родителите поврзан со непрозборувањето на децата, честопати знае да иницира недоумици. Децата што доцнат во развојот на говорот најчесто претставуваат дијагностичка дилема и за клиничарите. Ова се однесува особено на тоа кога и колку рано да се почне со дополнителни испитувања/тестирања. И дали, можеби, пак да треба да се почека до третата година од животот на детето за да се види дали ќе има спонтано разрешување на состојбата, што инаку често се случува кај децата до тригодишна возраст.

Педијатрите предлагаат дефинирани критериуми според кои треба да се водиме во истражување на состојбата на развоен проблем на говорот. Првичната педијатриска процена подразбира категоризирање на формата и на степенот на доцнење на говорот.

Примарната форма на доцнење во говорот подразбира нарушување и на експресивниот и на рецептивниот говор. Додека, пак, секундарната форма се манифестира како дел од губење на слух, интелектуално засегање, аутистичен спектар, физички попречен говор или селективен мутизам.

Дополнително, педијатриската процена подразбира дефинирање на обликот и на тежината на јазичниот и говорен дефицит, при што тие се групираат во три степени: блага форма, средна форма и тешка форма. Поопсежната длабока процена подразбира откривање комплексни невролошки состојби, метаболни болести, инфекции, интоксикации, но и изолирани нарушувања како аномалии на уво, нос и грло, сензоневрална глувост, или психијатриски состојби како аутизам, АДХД и первазивни нарушувања проследени со когнитивен дефицит.

Основа за добра дијагноза е темелно земената анамнеза за медицинската историја на детето и податоците за фамилијарни заболувања. Потоа следува невролошка процена, морфолошка процена и процена на уво, нос и грло.

Втората група на иследувања опфаќаат специјално дизајнирани тестови за невроразвојна процена, психијатриска проценка, проследени со аудиометрија, електроенцефалографија и магнетна резонанца.

Во лесната форма на доцнење во говорот влегуваат деца над 1 година, кои сè уште немаат говор и деца над 2 години кои започнале со говорот со доцнење од 3-6 месеци. Во оваа група влегуваат и децата што почнале со лесна форма на пелтечење.

Во средната форма спаѓаат деца до 3 години, кои зборуваат тешко разбирливо, деца од 1-3 години кои сеуште не зборуваат и деца што пелтечат подолго време, но немаат инхибиција во говорот.

Во тешка форма се вбројуваат деца под 5 години кои имаат неразбирлив говор или немаат говор и тежок облик на пелтечење кое е асоцирано со страв и прави инхибиција на говорот.

По дефинирањето на состојбите се пристапува кон тимска терапија, а тоа подразбира логопедски, психолошки третмани и терапија од невропедијатар. Паралелно се прави редовно следење и евалуација на состојбата преку разни форми на тестирања што даваат насоки за менување и подобрување на третманските можности.

Експертскиот тим на Клиника „Жан Митрев“ ви стои на располагање, закажете термин или консултирајте се на тел. 02 3091 484

Д-р Kaтeрина Василева-Димовска
Специјалист по педијатрија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот