Собири во Франција за поддршка на Жизел Пелико и жртвите на силување

Жизел Пелико (во центар) и нејзината ќерка Каролин Дариан (лево) разговараат со медиумите по напуштањето на кривичниот суд во Авињон, Франција / EPA-EFE/GUILLAUME HORCAJUELO

Стотици демонстранти од кои повеќето жени денеска ширум Франција и изразија поддршка на 72-годишната Жизел Пелико, чиј сопруг е обвинет дека 10 години ја дрогирал и повикувал мажи да ја силуваат.

Феминистичките здруженија организираа околу 30 митинзи во повеќе француски градови. На Плоштадот на Републиката беа истакнати транспаренти на кои пишуваше „Поддршка за Жизел“ и „Жртви, Ви веруваме“.

Доминик Пелико (71) е обвинет за повеќекратно силување и повикување непознати мажи преку интернет да ја силуваат неговата сопруга, додека таа била под дејство на силна дрога. Тој ги снимал силувањата. Злосторствата биле извршени во домот на сопружниците во Авињон и траеле речиси 10 години. Тој неделава требаше да даде исказ во судот, но рочиштето беше одложено поради здравствени проблеми.

Ја дрогирал сопругата, па дозволувал да ја силуваат непознати мажи во нивниот брачен кревет

Полицијата успеала да идентификува само 50 осомничени од 83 мажи кои се појавуваат на видеата на Доминк Пеликот. Тие се на возраст од 26 до 68 години, а меѓу нив има и пожарникари, фармацевти, работници и новинари. Голем број од нив имаат сопруги и деца. Само 15 од нив признале силување, додека другите тврдат дека учествувале во сексуални дејствија. Дел од насилниците изјавиле дека мислеле оти жената се преправала дека спие.

Доминик Пелико се изјаснил за виновен. На секој од обвинетите му се заканува затворска казна до 20 години.

Жизел Пелико дозволи судскиот процес да биде отворен за јавноста, но побара кога ќе бидат емитувани снимките од силувањата нејзините деца да можат да ја напуштат судницата. Нејзиниот правен тим изјави дека целта на отвореното судење за јавноста ќе биде „да се врати срамот на обвинетите“.

Селин Пикес од феминистичката организација „Осмели се со феминизам“ (Osez le Féminisme) се надева дека поради тоа што обвинетите се со различни професии судскиот процес ќе има траен ефект.

– Го уништува митот за силувачот дека е психопат … силувале затоа што биле сигурни дека нема да бидат казнети, посочи Пикес.

Таа додаде дека треба да се истакне оти и многу други мажи знаеле и ништо не направиле.

– Ниту еден од нив никогаш не крена телефон и да го запре ова злоупотребување. Ниту еден човек не помислил да ја извести полицијата, истакна Пикес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот