СЛОБОДЕН УДАР: Збогум „Тетекс“!

Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска

За повозрасната генерација збогувањето со „Тетекс“ е како уште едно збогување со исплетените џемпери од мајките, со оние волнени карирани ќебиња што ги имаше во речиси секој дом, со февруарските распродажби кога можеше да се купи палто или костум, носен на некоја модна писта низ градовите во Југославија…

Наредната година „Тетекс“ нема да го прослави својот 70-роденден. Клучот на компанијата ќе се стави на 20 февруари. Можеби од оваа компанија ќе излезе некоја друга, можеби ќе се вклучи во синџирот на „евтини парталчиња“ или на скапи брендови што се прават во Западен Балкан, но дефинитивно никогаш нема да биде оној „Тетекс“ што некогаш беше македонска, но и југословенска гордост, а кој се мачеше да опстои и по осамостојувањето на земјава во сѐ посуровиот свет на глобална конкуренција, во кој фините предива и волната им го отстапија местото на импровизациите, на палтата што се истуткани уште на закачалките во продавниците, на џемперите на кои се прават топчиња по првото облекување и на боите што лесно избледуваат.

За повозрасната генерација, збогувањето со „Тетекс“ е како уште едно збогување со исплетените џемпери од мајките, со оние волнени карирани ќебиња што ги имаше во речиси секој дом, со февруарските распродажби кога можеше да се купи палто или костум што е носен на некоја модна писта низ градовите во Југославија…

„Тетекс“ умираше на рати. Пред една година престана да работи погонот „Трикотажа“, минатиот месец „Ткајачница“ и на крај заврши животот и за погонот „Конфекција“.

– Нас, текстилците, едноставно нѐ поклопи Далечниот Исток со многу ниски цени на текстилот и не можевме да го издржиме тоа – изјави генералниот директор на АД „Тетекс“ Глигорие Гоговски, чие име се врзува за најголемиот дел од постоењето на оваа компанија.

Оваа тажна вистина, како што објасни Гоговски, ја имале и другите текстилни компании од поранешна Југославија, но речиси и во сите европски земји веќе не работи ниедна текстилна фабрика, чие примарно производство било од волна и текстил, како што беше во „Тетекс“ – значи производство од предиво, ткаенини, па до готови конфекциски производи.

Идејата за „Тетекс“ била токму таква. Да се собере волна од овците на Шара, да се направи предиво, да излезе готов производ. Тоа е запишано и на официјалната страница на „Тетекс“, каде што е раскажана приказната што започна на 25 мај 1951 година.

„Тетово, градот под Шар Планина, богата со пасишта, е местото во кое е почната големата легенда – Тетекс. Дамнешната слика на валање волна од шарпланинските овци по долината на реката Пена и сеќавањето на предците кои ја пределе волната на вретено, се претопила во сликата на вретената на индустриска предилница, низ која потекло предиво од природна рунска волна“, пишува на сајтот на „Тетекс“.

За жал, оваа приказна се смени. Како што некогашната индустријализација ставила крај на мануфактурата, денес глобализацијата и потрошувачката хистерија ставија крај на ваквите индустриски гранки, како што е текстилна фабрика што создала процес од овца до облека.

Збогум „Тетекс“! Можеби и предолго успеа да се бориш. Дојде ера на некои нови клинци и хит-брендови, создадени со масовна експлоатација на работната сила, но и на природата, затоа што денес евтините парталчиња масовно и лесно се купуваат, а потоа масовно и лесно се фрлаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот