Слободен печат дознава: Пет поранешни министри за здравство пред себе имале проект за спас на оперативниот блок во ГОБ 8 Септември, но не распишувале тендер

ГОБ 8 септември Скопје / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Министерството за здравство со години поседувало проект за целосна реконструкција на оперативниот блок во ГОБ 8 Септември, ама не распишувало тендер за негова реализација ниту пак обезбедувало буџет за овој проект кој е витален за иднината на болницата.

Ваквата реконструкција на оперативниот блок би значела иднина за болницата и сигурност на пациентите на кои им е потребна операција во наредните 30 години,  дознава Слободен печат од свои доброупатени извори во болницата.

Минатата вечер токму во овој оперативен блок, се поплавија две хируршки сали, за што обвинувано беше раководството за негрижа, меѓутоа клучот за решението на проблемот било кај повеќе минати министри кои иако се обидувале и имале шанса, сепак не успевале да обезбедат буџет за да се реализира овој капитален проект.

Проектот според нашите извори во болницата е готов на хартија и бил проценет до 6 милиони евра. Тој вклучувал целосно нова инсталација во оперативниот блок, шест хируршки сали со оддел за интензивно лекување,  два лифта за транспорт на инструменти до стерилизација, нови локални инсталации, вакуумски и компресорски гасови.

Во проектот исто така била предвидена нова соодветна кровна конструција над оперативниот блок кој се протега на површина од две илјади квадратни метри.

Изминатите години раководството на ГОБ 8 Септември ваквиот проект го презентирало пред повеќе од 5 министри, сите изразувале позитивни ставови за неговата реализација, се обидувале да најдат буџет, но на крајот не доаѓало до реализирање на проектот.

Во проектот се предвидувало да се променат и над 40 прозорци кои се стари колку и болницата. Имало обиди за да се реновира целосно оперативниот блок со странска донација од амбасада, но поради високата сума за оваа капитална инвестиција не се нашле парични средства во толку висок износ.

Во меѓувреме во оперативниот блок се менувале плочки, се носеле оперативни столици и светла, но зградата во која се наоѓа истиот, е стара од 1972 година, тврдат нашите извори и потребна е целосна репарација.

Синоќешните поројни дождови предизвикаа да пробие вода во дел од оперативниот блок во ГОБ „8 Септември“, по што дел од пациентите беа префрлени во две новоотворени сали а на санацијата на кровот се работи.

Како резултат на поројниот дожд и голем прилив на вода на кровната површина која се наоѓа над оперативниот блок, дел од таа вода не успеала да се издренира низ дренажниот систем од кровот. На едно место имало пробивање на водата во оперативниот блок меѓу првата и втората оперативна сала и поради тоа тие не биле стерилни за употреба.

Пациентите што требало да бидат оперирани во тие две сали утринава во програмот, биле префрлени во другите две операциони сали на приземје кои биле ставени во функција.

Заради неработењето на оперативниот блок на Клинички центар притисокот на итни пациенти за операција паѓа на ГОБ 8 Септември и на градската болница Свети Наум Охридски. Фреквенцијата на пациенти за итна операција во ГОБ 8 Септември според директорот доктор Христијан Костов е двојно зголемена.

Персоналот во моментот трпи преголем притисок. Недостасува средномедицински персонал. Сега е време на одмори но некако успеваме да се справиме и да се организираме во болницата, (началниците со главните сестри) за да можеме да функционираме и да нема одложување на операции и да се згрижат сите хируршки пациенти што доаѓаат во Ургентен, а нивниот број е зголемен двојно. Абдоминалните хируршки интервенции се зголемени двојно, како и операциите за скршеници и уролошки пациенти, изјави директорот Костов за Слободен печат.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот